вторник, 9 јуни 2026

Стефан Богоев излегува од притвор, Судот ја прифати гаранцијата од 55.000 евра

Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на Стефан Богоев и донесе решение за укинување на мерката притвор, прифаќајќи ја понудената финансиска гаранција. Осомничениот во понатамошниот тек на постапката ќе се брани од слобода, но под строго определени услови.

Објавено на

часот

Сподели

Според официјалното соопштение од Судот, прифатената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра во денарска противвредност. Овој износ се депонира во корист на државата и ќе служи како гаранција за обезбедување на неговото присуство во текот на кривичната постапка.

Како што соопштуваат од Основниот кривичен суд, Советот постапувал по жалба со понудена гаранција на осомничениот, изјавена против решение на судија на претходна постапка од 4 јуни 2026 година, со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена.

„Определената гаранција се состои од готови средства во износ од 55.000 евра во денарска противвредност, во корист на Република Северна Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката“, се наведува во соопштението.

Дополнително, спрема обвинетиот се определени и мерки на претпазливост согласно член 146 став 1 точка 3 од Законот за кривична постапка, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.

Од Кривичниот суд предупредуваат дека доколку осомничениот не се придржува до определената мерка на претпазливост, судот може да определи други, построги мерки за обезбедување на неговото присуство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ