Со ребалансот е предвидена изградба на нов кружен тек во близина на Народната банка, со цел подобрување на сообраќајната проточност на една од најоптоварените сообраќајни точки во градот.

Паралелно, Град Скопје ќе започне и со изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Проектот предвидува околу 500 нови паркинг места и инвестиција од околу три милиони евра, со што се очекува значително да се намали долгогодишниот проблем со паркирањето во клиничкиот комплекс. Од Градот посочуваат дека институцијата ќе биде задолжена за проектирање, изградба и управување со гаражите, со цел да се избегнат дополнителни поскапувања на паркингот за граѓаните.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека особено е важно што ова зголемување не е резултат на нови задолжувања, како што тоа често било пракса во минатото.

„Напротив, ова е пример како со домаќинско и одговорно работење, со дисциплина и посветеност, се создава простор за повеќе инвестиции и повеќе проекти кои директно го подобруваат животот на скопјани. Почитувани скопјани, кај мене зборот е збор. Нема импровизации, нема празни ветувања и големи флоскули. Има работа и само работа. Тоа е единствениот пат по кој се гради град. Продолжуваме уште посилно, уште поодлучно и со уште поголема љубов кон Скопје “,објави на фејсбук Ѓорѓиевски.
Ребалансот предвидува и инвестиции во образованието, преку поставување топлотни пумпи во училиштата со што ќе се елиминира греењето на нафта, како и поставување фотоволтаици, санација на училишни дворови и нова урбана опрема.
Од Град Скопје нагласуваат дека со овие инвестиции се подобрува инфраструктурата, се унапредуваат условите во образованието и се создаваат подобри услови за живот за граѓаните на Скопје.
МИА






