„Работилницата во своите активности ќе придонесе кон намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, поради што сите активности ќе се одвиваат со материјал кој е остаток во производството“, вели Бојан Ранташа, координатор на проектот.
Столарска едукативна работилница ќе трае две сесии по 3 месеци, од април до јуни, и од септември до ноември, секој понеделник и среда од 19 до 21 часот во центарот на Скопје, во просториите на Пасворд продакшн, каде ќе бидат активностите на Столарскиот едукативен центар.
Првиот час ќе биде на 6 април, а на 28 март ќе се организира отворена работилница за сите заинтересирани.
Предност за учество во работилницата ќе имаат жени, невработени лица и лица под 35 годишна возраст.

„Задоволство ни е да поддржиме ваква столарска иницијатива, која цели и на вклучување на жените во столарството, а особено што во нашата фела имаме можност и за вработување“, вели Елизабета Славковска од Про-дизајн Скопје и една од предавачите во работилницата.
Работилницата се организира во рамки на проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, проект реализиран од страна на здружението на граѓани Одржливи иницијативи од Скопје, во соработка со компаниите Акрон, Бранимир компани, Фамод, Про-дизајн, Монозеро, Југоимпекс, Блажич, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн. Проектот е финансиран од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ).






