вторник, 9 декември 2025

Шанса за Центар за случајот Треска: До градоначалникот поставуваме конкретни прашања и бараме конкретни одговори

Објавено на

часот

Сподели

„По објавувањето на стравувањата за можно разрешување на урбанистичкото уредување на подрачјето на фабриката Треска бевме цел на организирана кампања полна со манипулации, невистини и закани. Истовремено, со нашиот настап предизвикавме и реакции со кои за жал се потврдуваат нашите стравувања.

Како советници, должни сме кон граѓаните да ја следиме работата на градоначалникот и службите. Ако се тие неотчетни кон нас како советници, јавно повикуваме да одговорат на прашања. Дополнително, кога се носат одлуки во кој советот не е вклучен, како приватизација, легализација и окрупнување парцели за градби, а нема никаква системска транспарентност, легитимно е да поставуваме прашања.

При сомнеж дека одлуките се спротивни на интересите на заедницата, мора да ги потврдиме или да ги исклучиме. Затоа поставуваме конкретни прашања и очекуваме конкретни одговори, а не заплашувања, притисоци, закани и извртени одговори“, велат од Шанса за Центар.

 

Тие велат дека градоначалникот не сака ниту да организира изложба на идејните решенија добиени на конкурсот за Треска на која авторите би можеле да ги изложат своите идеи за уредување на просторот на оваа локација.

Конкурсот за Треска е направен со одлука на Советот на Општина Центар објавена во Службен гласник бр.5 од 2020 година. Во важечкиот заклучок стои:  „Опфатот кој ќе се разработува со конкурс е дел од ДУП Градска четврт З11, локалитет Буњаковец 1 и Буњаковец 2, Општина Центар, Скопје и постапката за донесување на ДУП З 11 продолжува.“

Со одлуката Градоначалникот е задолжен да ја спроведе. 

„Советот на Центар досега нема донесено одлука со која се поништува одлуката за конкурсот. Советниците не се само гласачка машина за исполнување на волјата на градоначалникот, туку претставници и гласот на граѓаните и имаат право и да прашаат и да добијат одговори за сѐ што е важно за граѓаните. Општината не е приватна фирма, не поседува приватен имот и нема право сама како институција да одлучува, туку постои за да ги штити интересите на сите свои граѓани“, велат од Шанса за Центар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ