Во објава на социјалните мрежи, Груевска посочува дека за една и пол година, колку што била на чело на Советот за македонски јазик, немала ниту една средба со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Таа тврди дека институционалната поддршка за работата на Советот била минимална, а активностите поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик биле реализирани без финансиска поддршка.
Груевска наведува дека речиси една година инсистирала да започне изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена со Законот за употребата на македонскиот јазик, но наишла на административни пречки и доцнења. Според неа, работната група за изработка на стратегијата била формирана дури на крајот на јануари годинава, а нејзините забелешки и барања останале без одговор.
Како дополнителна причина за оставката, таа ја посочува и јавната расправа за Националната стратегија за култура, тврдејќи дека Советот за македонски јазик не бил консултиран во делот што се однесува на јазичната политика. Груевска вели дека на расправата ѝ било сугерирано јавно да не ги изнесува своите забелешки, по што ја напуштила седницата и истиот ден ја поднела неотповикливата оставка.
Таа нагласува дека оставката ја доставила до Владата, Министерството за култура и туризам и Министерството за образование и наука, наведувајќи дека причините за нејзиното повлекување биле „нелични“, односно поврзани со односот на институциите кон македонскиот јазик и спроведувањето на законските обврски во оваа област.
Груевска во својата објава изразува загриженост за состојбата со македонскиот јазик, оценувајќи дека институциите не посветуваат доволно внимание на неговата заштита и унапредување. Според неа, тоа се потврдува и со фактот што, како што наведува, три години по донесувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик, сè уште не функционира предвидениот инспекторат.






