Според ревизорскиот извештај, утврдени се повеќе слабости во финансиското и административното работење на институцијата. Меѓу клучните наоди се неправилности во процесот на попис на средствата и обврските, како и невоспоставена материјална евиденција за постојаните средства во вредност од 216 илјади денари.
Ревизорите констатирале и дека театарот не ги евидентирал излезните документи во деловникот на установата. Во текот на 2024 година, по основ на закуп на деловен простор биле остварени приходи од 561 илјада денари, но фактурите издадени врз основа на склучените договори за закуп не биле заведувани во деловодната евиденција.
Според ДЗР, ваквата практика не е во согласност со прописите за канцелариско и архивско работење и создава ризик од нецелосно евидентирање на побарувањата во деловните книги на установата.
Ризик од субјективност при издавање на просторот
Проверувајќи како Албанскиот театар ги изнајмувал просториите со кои стопанисува, ДЗР утврдил дека начинот на утврдување на надоместоците остава простор за субјективно постапување при склучувањето на договорите за закуп. Со одлука на Управниот одбор од 2021 година, за изнајмување на големата и малата сцена, црвената сала и фоајето на театарот се предвидени цени кои се движат од 10 до 240 илјади денари, зависно од времетраењето и потребите на настанот.
Според финансиските извештаи, Албанскиот театар во 2024 година остварил вкупни приходи од 590 илјади денари, што е намалување во однос на 830 илјади денари во 2023 година. Расходите изнесувале 476 илјади денари, а годината завршила со вишок на приходи од 114 илјади денари.
Во конечниот ревизорски извештај се наведува дека ревизорите утврдиле повеќе слабости во финансиското работење и евиденцијата на установата, кои влијаеле врз точноста и веродостојноста на финансиските извештаи.
Според ревизијата, меѓу клучните забелешки се слабостите во процесот на вршење попис на средствата и изворите на средства, како и невоспоставената материјална евиденција за постојаните средства. Ревизорите констатирале дека дел од средствата евидентирани на оваа сметка, во вредност од 61 илјада денари, не се опфатени со соодветна материјална евиденција.
Поради овие состојби, Државниот завод за ревизија оценил дека финансиските извештаи не ја прикажуваат вистинито и објективно финансиската состојба на институцијата на крајот од 2024 година.
Продавале билети без официјално утврдени цени
Ревизорите утврдиле и неправилности во наплатата на приходи од продажба на билети.
Според извештајот, во текот на 2024 година Албанскиот театар остварил приходи од продажба на билети во износ од 131 илјада денари, иако не бил донесен акт со кој официјално се утврдува висината на цените на билетите.
„Ваквата состојба не е во согласност со статутот на Албански театар – Скопје, според кој висината на цените на услугите ја утврдува управниот одбор со одлука со која ќе се определи видот на услугата и надоместокот за нејзино извршување (ценовник) и истата има за ефект наплата на приходи без соодветно утврден акт. УО да преземе мерки и активности за донесување на одлука со која ќе се определи видот на услугите и надоместокот за нивното извршување“, велат од ДЗР.
ДЗР утврдил слабости и во начинот на регистрирање и евидентирање на полното работно време, како и неевидентирање на излезните документи во деловникот на установата.
„Не е воведена евиденција на полното работно време. Во текот на 2024 година вработени се 32 даватели на јавни услуги во културата и тоа 28 од категорија А уметници – актери и четири од категорија Б – уметнички соработници за подготвување на сценски и музичко сценски дела. Од нив седум односно 20 отсто од актерите, во текот на 2024 година не се ангажирани во исполнување на репертоарите и активностите на Албански театар и двајца од уметничките соработници од кои, еден е режисер чиј последен ангажман е од 2023 година. Исто така двајца актери не се ангажирани во ниту една претстава од репертоарите од 2011 односно 2019 година до денес, а на истите им се исплаќа плата за полно работно време без да биде обезбедена потврда за нивно присуство на работа. Од страна на работодавачот не е донесен годишен план за распоред на работното време за проби, претстави, концерти, снимања и гостувања. Горенаведените состојби придонесуваат пресметката и исплатата на плата да се врши врз основа на нереално одработени часови и отсуство од работното место“, констатирале ревизорите.
Државниот завод за ревизија оценува дека надминувањето на утврдените слабости бара преземање конкретни мерки за подобрување на евиденцијата на средствата, спроведувањето на пописите и воспоставување јасни правила за формирање и наплата на приходите од билетите и останатите услуги на театарот.
Имотот оставен сам на себе
Ревизорите констатирале и дека одредени градежни објекти се евидентирани без обезбеден акт за сопственост, а дел од материјалните средства и понатаму се водат како средства во подготовка иако за нив е обезбедено одобрение за употреба и постојат препораки за нивно ставање во функција.
„Не е воспоставена материјална евиденција за евидентираното земјиште, градежните објекти и опремата со сегашна вредност од 14.685 илјади денари, не е пресметана ревалоризација на евидентираното земјиште, дел од градежните објекти ( бараки и хангар) и дел од опремата, во деловните книги евидентиран е градежен објект – хангар со набавна вредност од 153 илјади денари и исправка на вредност од 153 илјади денари кој потекнува од пред 2011 година. Во однос на истиот, на ревизијата не и беше презентиран акт за сопственост и начинот на утврдување на правото на користење, ниту акт за определување на евидентираната набавна вредност, што не е во согласност со Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници според кој внесувањето на податоците во деловните книги на буџетите и буџетските корисници мора да се заснова врз веродостојни, вистинити и уредни сметководствени документи“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Меѓу забелешките е наведено и дека не е дефиниран начинот на набавка, прием, издавање и задолжување со материјали и ситен инвентар, што според ревизорите претставува ризик за ефикасно управување со ресурсите на институцијата.
„Од извршеното физичко набљудување, ревизијата истакнува дека Албански театар располага со голем број на костими, реквизити и други материјали и ситен инвентар кои се користат при реализација на годишните програми за работа на националната установа, а за кои не е утврдена вредност и не се води материјална евиденција.
Горенаведените состојби кои се однесуваат на не воспоставена материјална евиденција, контрола и чување на залихите на материјали и ситен инвентар влијаат на нереално и необјективно искажување на позициите во билансот на состојба“, велат од ДЗР.
Во извештајот е посочена и една системска слабост која не се однесува само на оваа институција. Според ДЗР, во Законот за културата не се дефинирани механизми за задолжително ангажирање на давателите на услуги при реализација на годишните програми за работа, што создава простор за различни толкувања и практики.
И.О.






