„Политиките на Мицкоски може да се опишат само со еден збор: ЛАГА! Ветуваше дека ќе го врати името, дека ќе го поништи Преспанскиот договор, дека никогаш нема да изговори Северна. Излажа“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ на прес-конференција.
Кузеска неколку пати повторува дека зборовите на Мицкоски не значат ништо.
„Како што лажете за името, сега лаже и за ЕУ! Неговата измислена приказна за ‘влез во ЕУ без право на глас’ пропадна. Христијан Мицкоски многу лаже.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос предупреди за ‘токсичните влијанија на Русија и други’ и испрати јасна порака во името на ЕУ – нема место за тројански коњи. За жал, Македонија денес има токму таков пример со ВМРО, со нивниот вицепремиер кој има средби со ‘Ноќните волци’ на Путин, со врските со Москва, со нивната сестринска партија СНС и со кинеските пари. Европа не прифаќа тројански коњи во своите редови“, порачува портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
На оваа прес-конференција на СДСМ од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека „џабе е демантот и од Европската Унија, СДС продолжува да лаже и да растура пердуви“.
„СДС не само што лаже, туку суши од лажење. До толку лажат СДС, на чело со Филипче, Заев, Жерновски, па и Кузеска во нивно друштво, што нема ден а да не се демантирани и тоа од релевантни институции.
Како што лажеа за мигрантите од Обединетото Кралство, за што добија и јавен демант и од британскиот амбасадор, така продолжуваат да лажат и за ЕУ.
На ширачите на лаги, СДС, им дојде уште еден демант на нивните лаги. Сакајќи да наметнат наратив дека Европската Унија е против Македонија и дека еврокомесарката за проширување, Марта Кос која предупреди на влијанија на Русија и дека за нив нема место во Унијата, мисли исклучиво на Македонија.
Уште една голема и шарена лага која СДС сака да ја продаде на македонските граѓани, за што и од еврокомесарката стигна одговор, дека таа изјава не се однесувала на Македонија, туку дека генерално зборувала за сите кандидати.
Со ова се потврди и пропадна уште една лага на СДС“, реплицираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на руското влијание во државата, од партијата на власт уште еднаш потсетуваме дека токму во време на власта на СДСМ, на руски олигарх близок до Путин, сега и осуден на 15 години затвор за корупција и перење пари во Украина, Александар Онишченко му дадоа македонско државјанство, додека на фирма во сопственост на белорускиот конзул, Борче Марковски со години му доделуваа државни тендери.
„Затоа ги повикуваме да престанат со постојаното и интензивно лажење, мислејќи дека 100 пати повторена лага ќе стане вистина“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.






