Од синдикатот на контролорите на летање повикуваат да се пристапи на итна реализација на неисполнетите точки од спогодбата најдоцна до крајот на месецов, а во спротивно се најавува реактивирање на штрајкот на 10 јули.
Во известувањето до УО на М-НАВ, како што денеска информираа за МИА од Синдикатот, се наведува дека состојбата во М-НАВ е влошена, како резултат на сериозно нарушени меѓучовечки односи, блокирани процеси за јавни набавки, неуспешна транзиција на нови технички системи, прекршување на одредби од Колективниот договор, тајни и неосновани измени во систематизацијата, отворање несуштински работни позиции и прераспоредувања без запазување на актите на друштвото до раководството, како и непочитување на точки од Спогодбата помеѓу М-НАВ и ССКЛ од 13.07.2023 која беше основа за ставање на штрајкот во мирување.
Синдикатот во известувањето доставено на 16-ти, месецов реагира и на неодамна објавениот оглас за нови вработувања во М-НАВ, за кои оценува дека „не одговараат на реалните, итни и суштински потреби на компанијата“. Бара поништување на огласот, а евентуалното пополнување на работните позиции да се изврши преку прераспоредување на постојните вработени во М-НАВ преку интерен оглас, или со додавање на работни задачи на недоволно ангажирани вработени, како и одделенски реорганизации и рационално прераспоредување на постојниот кадар.
Според Синдикатот, во услови кога се бележи рекорден пораст на авионски прелети, застарениот технички систем е во критична состојба и може секој момент да откаже, има недостиг од инженерски кадар и поради тоа, велат, не се реализираат проектите кои требаше одамна да бидат завршени. Исто така, посочуваат, има недостиг од контролори на летање, кои во корелација со нов систем кој раководството не успеало да го стави во функција, би можеле да го подигнат капацитетот на опслужени воздухоплови и до 50 проценти. Синдикатот реагира и дека не е реализиран ниту еден инфраструктурен проект, сè уште не е изработена функционалната аанализа на компанијата со која би се ставила на стабилна основа за понатамошно долгогодишно функционирање и оти повеќе од девет месеци нема ангажирана агенција за обезбедување, во услови кога се бележи рекорден пораст на авионските прелети.