Приклучувајќи се на крвичниот прогон на Јованов и побарувајќи имотно-правна штета, мајката на Фросина, Камелија Кулакова рече дека прегазувањето на нејзината ќерка не е сообраќајка туку грабеж на една иднина.
„Кажете ми кој збор од законот може да ја измери болката кога секое утро се будам и кога секоја вечер заспивам со нејзината фотографија. Ова не е судење за сообраќајка туку судење за грабеж на иднина, за убиство. Затоа барам највисока казна, не за одмазда туку за правда, никое дете никогаш повеќе да не се најде на местото на Фросина. Го молам судот да дека правдата има душа, а законите имаат лице. Тоа нема да ми ја врати Фросина но ќе ми даде верба во правдата. Токму затоа барам максимална казна за обвинетиот“, рече Камелија Кулакова.
И сестрата Росица како и таткото на Фросина, Тодор Кулаков се приклучија на кривичниот прогон на обвинителството и побараа имотно-правна штета, а тоа го стори и оштетениот Петар Ристов.
„Овој случај не е судење само за сообраќајката туку судење за неказнивост и селективна правда, за двојните аршини, во држава, каде што и оној што украл 30 ќебапчиња и оној што брутално убил на пешачки премин се исто казнети. Кога правдата ја губи вредноста, тогаш државата ја губи душата. Денес не се бориме само за Фросина, туку за ниту едно дете повеќе да не заврши под тркала на безмилосен човек, кој потоа се обидува да избега од одговорност, а судската пракса го потврдува тоа. Фросинче светеше каде и да се појавеше, а нејзиниот живот згасна на најгнасен можен начин. Од ударот лета во воздух. Сите коски и беа искршени, градниот кош и беше отворен, срцето и распукало. Како клучен фактор прашувам: зошто Васил нагло свртува кон неа, зошто не продолжи право? Дали е тоа агресија? Барам одговор, овде пред сите. Зошто, наместо право, сврте кон нашето чедо “, рече пред судот Тодор Кулаков.
Обвинителот Александар Марковски пак во воведниите зборови кажа дека обвинението против Васил Јованов за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот е во неговиот најтежок облик и дека ова не е обична сообраќајка.
„И ова не е поради медиумската изложеност и не поради тоа што се случи на место кое е врталиште на младите, туку оваа сообраќајка не е обична затоа што делото е сторено во неговиот најтежок облик, а за тоа се собрани докази, четири вештачења, осум сведоци од кои најголем дел се очевидци и ја дополнува листата на докази со оние од претходните постапки за обвинетиот Јованов односно пресуда за претходно сторени кривични дела на Јованов, а дел од доказите се и во друг кривичен предмет што се води против таткото на Јованов. Потребно е и тоа сега се прави, прецизирање на обвинението во една одредба која е стипулирана од Законот за безбедност на патиштата. Предлагам судот да ги изведе сите материјални и вербални докази а обвинителството ќе се обиде да докаже дека пред прегазувањето обвинетиот сторил и други сообраќајни прекршоци што е важно за утврдувањето на умислата на стореното дело“, рече обвинителот Марковски.
А, обвинетиот Васил Јованов пред судот кажа дека разбира за што е обвинет и изрази длабоко сочуство до семејството на Фросина Кулакова велејќи дека жали за сѐ што се случило и дека никогаш во животот не помислил дека ќе дојде до ваква трагедија. По ова Јованов призна дека е виновен и дека признанието го дава доброволно.
„Здравствено сум добро, не сум зависник од дрога и алкохол, имав доволно време да се советувам со мојот адвокат и никој не ме присили да ја признаам вината. Свесен сум дека немам право да се жалам за фактичките околности под кои се случи сообраќајната несреќа и дека имам само право да се жалам на висината на казната што ќе биде изречена“, одговори Јованов на прашањето на судијата Снежана Марковска дали добороволно ја признава вината.
По ова судечкиот совет донесе решение да се изведат само доказите што се релевантни за одмерување на висината на казната.
Адвокатот на обвинетиот Јованов, Сашко Дуковски, до судот достави доказ дека тој е редовен студент, како и докази дека е спортист во боксерски и ракометен клуб, па поради тоа побара пониска казна за Јованов.
„Доставувам потврда од боксерски клуб, со што сакам да се тргне една дамка од името на Васил Јованов дека тој е наркоман и зависник. Не, тој е спортист и ви доставувам потврда дека тој е член на овој боксерски клуб, како и две медаљи – каде што е вицешампион. Да, тој го сторил тоа што го сторил и затоа денеска призна вина. Но, има факти кои укажуваат на неговата личност. Доставувам благодарница од Националната боксерска федерација од бокс. Исто така уште една диплома за Васил Јованов за другата медаља на натпреварот во Штип, каде го освојува второто место. Ви доставувам потврда од Ракометната федерација на Македонија каде што Јованов е регистриран и лиценциран за ракометниот клуб Пролет. Го спориме присуството на алкохол во крвта“, рече Дуковски.
Тој пред судот презентираше и видео снимка од вечерта кога беше прегазена Фросина, која според Дуковски го покажува однесувањето на Јованов кој уште во првиот момент по несреќата имал чувство на каење.
„Овој ценет судски совет би утврдил дека кај обвинетиот има чувство на вина, екстремно каење и ве молам единствено тоа како судечки совет мора да го забележите и да видите за што ви зборувам“, рече Дуковски.
Обвинителот Александар Марковски пак побара Јованов да биде казнет според законот, кој предвидува максимална казна затвор од 20 години, а таткото на Фросина, Тодор Кулаков тврдеше дека Јованов не се вратил на местото на несреќата добороволно.
„Васо не оди таму самостојно туку други му рекле да се врати да види што направил. Повикуваме да ја изречете највисоката затворска казна која според мене е ниска. Ако државата е болна, Судот нека биде здрав“, рече во завршен збор таткото Тодор Кулаков.
На денешното рочиште не се појавија предложените сведоци за кои судијката марковска рече дека се неуредно поканети.
На 29 јануари годинава, Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот Партизански одреди во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на самото место. За делото за кое се товари Јованов е предвидена затворска казна до 20 години.
Пресудата ќе биде изречена на 13 мај годинава.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог и против таткото на Васил, Зоран Јованов, за кривично дело „предизвикување општа опасност“ од член 288 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинението се однесува на периодот од 04.11.2022 до 30.01.2025 година, во кој Зоран Јованов дозволувал на својот син Васил Јованов да управува патничко моторно возило „Пежо 207“, иако знаел дека синот нема возачка дозвола и е повеќекратен сторител на сообраќајни деликти вклучително и сообраќајната несреќа во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова.
И.О.