недела, 24 мај 2026

Со пари од Германија СЗО ѝ даде на Македонија информатичка опрема во функција на вакцините

Објавено на

часот

Сподели

Д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во во земјава изјави дека за организацијата е приоритетно да го поддржи Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем.

„Испораката на критично важна техничка опрема ќе го зголеми капацитетот на здравствениот систем за рутинско собирање здравствени податоци во реално време и за искористување на овие информации за ефективен одговор во континуираната битка против оваа пандемија и секоја друга болест што може да се спречи со вакцина. Тоа можеме да го постигнеме единствено со нашите партнери и затоа во оваа прилика сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за нејзините флексибилни придонеси за СЗО, особено во европскиот регион на СЗО”, рече д-р Тавила.

Амбасадорката на Германија Анке Холштајн рече дека е многу среќна што нејзинатазеемја го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем.

„Оваа опрема ќе значи поголема здравствена сигурност и ќе биде од корист за сите граѓани. Можеме со сигурност да кажеме дека правичната и брза дистрибуција на вакцините ќе помогне во борбата не само против пандемијата на ковид-19″, рече Холштајн.

Министерот за здравство Венко Филипче заблагодарувајќи се рече дека добиената опремаќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини, вклучувајќи ги и вакцините против ковид-19, како и за подобрување на пристапот до податоци кои спасуваат животи.

„Имунизацијата против ковид-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт, вклучувајќи и против доминантниот делта сој на вирусот”, изјави Филипче.

Инаку, СЗО во Македонија континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза со ковид-19.

„Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување на национален план за вакцинација против ковид-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот ланец, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво“, соопштија од канцеларијата на СЗО во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ