„Во овие моменти на оддавање признание на здравствените работници кои се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата без преседан во нашата современа историја, ние никогаш нема да ги заборавиме починатите. Нашите блиски, нашите роднини, нашите пријатели и познаници, сите наши граѓани кои починаа од последиците од вирусот. Слава им и вечен спомен на сите што во изминатите две години починаа од последици од ковид-19. Болна е таа загуба и како таква ќе остане засекогаш во мојата душа. Денес, кога ја затворам последната страница од моите два мандати како премиер, јавно ја изразувам мојата споделена тага и сочувство со најблиските на починатите и немам никаква илузија дека борбата со пандемијата ќе биде болдирано поглавје во мојата кариера како премиер“, рече Заев.
Во однос на соодветноста и сигурноста на мерките и чекорите што беа преземени наспроти фаталната природа и непредвидливост на вирусот, Заев кажа дека направиле сѐ за да ги намалат ризиците и да се справиме со последиците од смртоносниот вирус.
Тој уште додаде дека заедно со министерот за здравство Венко Филипче и со останатите во тимовите, непосредно задолжени за справување со пандемијата, како и со сите вработени во здравството кои несебично се ставија целосно на располагање со сите свои капацитети на првата линија, создавале соодветни мерки за да обезбедат сигурност за секој граѓанин поединечно, како и за општеството во целост.
Според него, благодарение на навремените мерки и одлуки, македонскиот здравствен систем во текот на целата ковид-криза функционира без застој.
„Најважна и пресудна улога за тоа остварување имавте вие – здравствените работници. Со помош на вашата пожртвуваност и посветеност го реорганизиравме раководењето со државата со единствена цел – да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите на наши граѓани. Обезбедивме целосна посветеност на сите сектори за успешно надминување на проблемите кои пандемијата ги носи со себе. Тоа го правевме истовремено со решавањето на наталожените проблеми од стагнацијата во вложувањето на столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика. Оваа Влада одлучи тоа да го промени и во најкритичните години, за време на пандемијата во буџетите за здравство, образование и социјална заштита инвестиравме повеќе од 300 милијарди денари“, рече Заев.
Зајакнувањето на човечкиот капитал во здравството, како што кажа, значи и подобро јавно здравство, тоа е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот и додаде дека резултатите од реформските мерки во здравството и од ковид мерките докажале дека инвестирале таму каде што било најпотребно – во луѓето, во опрема и во болници.
Како никогаш, нагласи Заев, досега ги зголемивме платите во јавното здравство, го вративме достоинството на здравствените работници и им овозможивме подобри услови за работа.
„Признанијата што денеска ќе ви бидат предадени за да им ги поделите на вработените, нека бидат прифатени како спомен за вашето пресудно и исклучително важно учество во нашата заедничка борба против ковид-19 и во справувањето со последиците од пандемијата. Тоа се признанија што Владата ги доделува во име на народот и во име на благодарноста за тоа што вие и вашите колеги останавте до крај посветени и дадовте сè од себе за да го спасите, зачувате и подобрите здравјето на нашите граѓани, на вашите пациенти. Огромен товар падна на вашиот грб и ја заслужувате најголемата почит и благодарност за хуманоста, грижата и пожртвуваноста. Во оваа борба со ковид-19 вие сте хероите. Ви благодарам од имено на целиот наш народ“, додаде Заев.






