Според одлуката на Владата донесена на 26 октомври, во објектите ќе може да се влегува и со сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
„Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип, угостителските објекти (кафетерии, ресторани, барови, ноќни клубови-дискотеки), во угостителскиот објект/дел за исхрана во угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, хостел, пансион и друг објект за сместување), на бензинските станици, во казината и обложувалниците, во други објекти кои во склоп на истиот даваат угостителски услуги, во угостителските објекти кои се регистрирани за прослави (веселби, свадби, родендени, крштевки и слично), како и се дозволува влез каде што се одржува настан од секаков друг вид (концерти, семинари, обуки, курсеви, состаноци, работилници, конференции, културни или спортски настани), на посетители / гости / лица, со поседување и приложување на еден од следните документи:
– до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест ковид-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест ковид-19 или
– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето“, стои во одлуката на Владата.
Министерството за здравство апелира граѓаните да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни и повторно ги повикува граѓаните кои сѐ уште не се вакцинирани што побрзо да го направат тоа, бидејќи само со колективен имунитет може да се победи вирусот.






