„Вчера во земјава пристигнаа 40 илјади дози четиривалентни вакцини против сезонски грип, вакцините се бесплатни веќе четврта година по ред за хронично болните, граѓаните над 65 годишна возраст, бремените жени, здравствените работници и за определени категории на деца“,изјави министерот за здравство Венко Филипче и нагласи дека вакцините веќе се дистрибуираат во центрите каде ќе се врши имунизација против грипот.
Тој додаде дека се набавени и 11 илјади дози вакцини на комерцијална основа, кои ќе се наплаќаат, а ќе може да се вакцинираат заинтересираните граѓани кои не припаѓаат на категориите за бесплатна имунизација.
Министерот информира дека од таа количина 4 илјади дози ќе бидат распределени во центрите во Скопје и дека ќе биде организирана и теренска вакцинаја во домовите за стари лица, во центрите за дијализа, секако и за здравствените работници.
Филипче рече дека на состанокот на Националниот комитет за имунизација е потврден ставот дека нема ризик доколку во исто време едно лице прими и вакцина против ковид-19 и вакцина против грипот, а дека секако нема никаков ризик доколку постои какво било временско растојание во примањето и на двата вида вакцина.
„Вакцинацијата ќе се спроведува во центрите за јавно здравје и во дел од здравствените домови во кои не се врши вакцинација против ковид-19, со цел да не се мешаат граѓаните и со тоа да се зголемува ризикот од пренос на вируси“, рече Филипче.
Секој граѓанин може да се пријави преку нашата апликација на vakcinacija.mk. и потоа ќе добие СМС порака со точен термин, датум и место каде ќе ја добијат вакцината, рече министерот и додаде дека секако, пријавување може да се направи и преку матичен лекар.






