Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава соопшти дека со фокус на размена на најдобрите практики помеѓу наставниците и совети од колегите, вебинарите опфатија теми како: формативно оценување во услови на хибридна настава, презентација на моделот „превртена училница”, подготовка на интерактивна и асинхрона настава, креативно учење преку игра и користење дизајнерски приоди како метод на настава.
Во услови на повисок ризик децата да го напуштат образованието поради затворање на училиштата за време на ковид-19, вебинарите исто така им претставија на наставниците вовед во рамка за откривање и давање поддршка на децата што се во ризик да го прекинат своето образование.
Наставниците се движечката сила зад закрепнувањето на образованието од ковид-19. Затоа тие мора да одржуваат чекор со новите случувања во образованието, да изградат капацитет за прилагодување и да иновираат под отежнати услови, како и да добијат пристап до ресурси за стручно усовршување. Нивната позитивна реакција на онлајн курсевите и средбите за групно предлагање решенија покажува дека можеме заеднички да осмислиме поиздржлив образовен систем по кризата со ковид-19, изјави Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.
Покрај зајакнувањето на можностите за стручно усовршување преку вебинари, онлајн курсеви и конкурси за групно предлагање решенија (краудсорсинг), тековната програма Едуино, наведува Канцеларијата на УНИЦЕФ, опфаќа и финализирање на национална библиотека со видеолекции, изработка на национална збирка на учебни материјали што ќе служи како едношалтерски систем за дигитални материјали, проширување на конкурсот Едуино Gameathon и зголемување на групата и програмата на Едуино амбасадори.
Вебинарите беа поддржани од иницијативата на УНИЦЕФ финансирана од регионалната програма на Европската Унија „Ублажување на влијанието на ковид-19 врз животот на децата и родителите во регионот Западен Балкан и Турција” во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, а беа реализирани од Смарт ап-лабораторија за социјални иновации.






