„Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на ковид-19, детектиран е S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со омикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите ставени се во изолација лица со кои биле во контакт“, велат од МЗ.
Министерството за здравство апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.
Претходно дел од медиумите објавија дека во Струга е регистриран вториот случај во Македонија на инфицирано лице од новиот омикрон, новиот сој на корона вирусот.
Информацијата ја потврдуваат од Центарот за јавно здравје во Охрид и додаваат дека заболено е вакцинирано повозрасно лице и дека е во изолација.






