недела, 24 мај 2026

Филипче: Вакцинацијата ќе стане задолжителна за сите државно вработени лица

Објавено на

часот

Сподели

Филипче рече дека Комисијата за заразни болести ѝ препорача на Владата да донесе одлука со која вакцинацијата против ковид-19 ќе биде задолжителна за сите здравствени работници, кои ги има од 20 до 30 отсто невакцинирани, на кои ќе им се остават 30 дена тоа да го сторат.

Mинистерот нагласи дека за лицата со ретки болести кои не смеат да примат вакцина ќе биде изготвена листа на конкретни болести наменета за лекарите – специјалисти кои ќе издаваат такви потврди.

Комисијата препорачува, со вакви мерки кон вработените, да се приклучат и приватните компании и фирми, рече министерот информирајќи дека веќе добиле писмо со слична содржина во барањата од страна на Сојузот на стопански комори, од каде ја истакнале важноста од редовен и непрекинат производствен процес битен и за економијата на државата.

„Ваквите мерки препорачуваме да стапат во сила на десеттиот дена откако Владата би ја донела одлуката според овие наши препораки со цел граѓаните кои досега не се вакцинирале да имаат време тоа да го сторат, а период од триесет дена да дадеме на здравствените работници да имаат време за вакцинација“, рече Филипче.

Тој оцени дека Комисијата за заразни болести предвид ја имала ситуацијата со пораст на новозаразени лица со ковид-19, како и состојбите во регионот каде состојбите се влошени.

„Нашиот здравствен систем не смееме да дозволиме постојано да се оптоварува со нови и нови ковид-центри на сметка на останатите здравствени оддели, зашто тоа е на штета на пациентите со други болести, како и на штета на граѓаните зашто се одложува детекцијата на болестите, што е многу важно во превенцијата. Не може здравствениот систем да работи главно со ковид-пациенти“, рече Филипче.

Министерот нагласи дека важноста на одлуките за вакцинација се должи не само на порастот на бројот на заболени, туку и затоа што пред нас е зимски период кој носи настинки, грип и други болести, поради што ќе има дополнителен ангажман на здравствените работници.

Секоја институција треба да задолжи лица кои ќе ја вршат контролата на сертификатите со кои се докажува дека можат да влезат на работа.

Министерот рече дека ќе побараат да се ажурира процесот на контрола од страна на сите инспекторати и од страна на МВР.

„Тој процес треба да оди добро бидејќи ги имаме сите електронски алатки, покрај хартиените сертификати. На располагаање се европските сертификати кои може да се ‘симнат’ со мобилни телефони, како и апликацијата која што го прикажува соодветниот код, но има и апликација што ја контролира валидноста на тој код, што значи дека се елиминира можностите за фалсификувани сертификати. Апликациите ги има и во системот на андроид – гугл и во системот на ајфон“, рече Филипле.

Министерот информира дека има доволно вакцини за граѓаните и дека се очекуваат дополнителни количини, дел кои ги набавува државата, дел кои се донација, а веќе утре пристигнуваат вакцини како донација од Полска. 

Преостанатите дози на вакцината Астразенека ќе бидат искористени за повозрасните категории на граѓани, а дел од фајзеровите вакцини кои беа добиени како донација од Бугарија веќе се уништени (запалени) бидејќи им поминал рокот, информира министерот Венко Филипче.

Кога станува збор за грипот, досега се пријавени 36 илјади граѓани за бесплатна вакцинација, а има вкупно 40 илјади дози, но има и 11 илјади дози вакцини кои може да се примат со плаќање, односно се на комерцијална основа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ