Укажа и дека домашните собири како слави и прослави кои следат во претстојниот период се голем ризик за ширење на заразата и апелираше дека мора да се почитуваат протоколите за собирање во затворен простор.
„Се менува сликата за релативно стабилната епидемиолошка состојба и прв индикатор за тоа е Р0 факторот. Можеме да кажеме дека овој бран е очекуван гледајќи ја сликата секаде во регионот, односно за тоа покажуваат и бројките во Грција, Хрватска, Србија, Бугарија каде што бројот на заразени и смртни случаи е исто така зголемен. Од вкупно 8.006 активни случаи, хоспитализирани се 518 пациенти. Добро е што нема голем притисок во болниците, односно според она што го имаме како информација од Клиниката за инфективни болести, дневно за преглед се јавуваат од 60 до 80 пациенти позитивни на ковид-19. До крајот на оваа недела или почетокот на следната ќе заврши и постапката за секвенционирање, односно да видиме која мутација е доминантна”, изјави Филипче на прес-конференција.
Во врска со вакцинацијата, министерот Филипче рече дека таа стагнира и упати апел до граѓаните дека мора да бидат свесни оти вакцинацијата е единствен спас од заразата.
Трета доза Фајзер вакцина против ковид-19 примиле 46.000 граѓани, а вакцинирани се 5.000 деца на возраст од 15 до 16 години.
„Во врска со состојбата кај децата и во училиштата, на ниво на цела држава активни случаи на заразени деца со ковид-19 има 1.068 и тие се на возраст до 18. Во болницата во Козле хоспитализирани се 23 деца, а само две деца се на кислородна поддршка. Хоспитализирано е и едно 2 месечно бебе, но нема дете во критична состојба. Нема значајно отстапување на бројот на прегледи. Скринингот е завршен во најголемиот дел од училиштата и само 15 ученици биле позитивни на вирусот”, соопшти Филипче.
Министерот укажа дека протоколите мора да се почитуваат за да може да се спроведува образовниот процес, а граѓаните да бидат свесни и оние кои не се вакцинирани, да се јават на вакцинација.
На новинарско прашање дали може да каже колку изборната кампања и непочитувањето на протоколите од политичарите влијаело на раст на заразата со коронавирусот Филипче рече:
„Многу е тешко да се идентификуваат сите извори на пренос на заразата, секако ризични се местата каде има големи собирања, а и мини кластерите е тешко да се следат зашто вирусот е широко распростанет. Во однос на изборите сметам дека не беа посебен ризик, а доказ е зголемувањето на бројот на болни деца кои не учествувале во никаква кампања. Но секако, тешко е да се идентификуваат извори на зараза“, рече Филипче.
Новинарите забележаа дека додека Филипче држи онлајн прес-конференција, низ државата се отворени клубовите, се одржуваат забави и групирања, Филипче рече дека заразата се шири насекаде низ регионот и дека треба да се изнајдат нови механизми за зголемување на опфатот со вакцинација.
„Спасот е во вакцините и во почитување на мерките и протоколите“, рече министерот и одговори негативно на потпрашањето дали се размислува за задолжителна вакцинација на вработените лица.
„Сепак, во петок ќе имаме состанок со членовите на комисијата за заразни болести и сите опции се отворени“, рече Филипче согласувајќи се со новинарската констација дека апелите не помагаат и дека дури 60 отсто од населението не е вакцинирано.
Министерот Филипче не се согласи со новинарите дека смртноста од ковид-19 во Македонија е многу висока. Тој рече дека секаде во регионот бројките на починати лица се високи и дека отприлика смртноста е еднаква во сите земји од регионот. Филипче нагласи дека во лекувањето се спроведуваат сите протоколи, кои повремено се ревидираат врз база на новите научни сознанија за оваа болест.
На прашањето дали има заразени и починати лица од ковид-19 кои се вакцинирани со трета доза, Филипче рече дека има 99 лица кои добиле позитивен тест на ковид-19, но дека во допир со вирусот биле 3 до 4 дена по примената вакцина. Тој нагласи дека нема хоспитализирани или починати лица кои примиле трета доза вакцина.
Филипче рече дека како трета доза вакцина може да се прими која било друга вакцина различна од првите две дози, дека таквата препорака важи и за Спутник, а дека во земјава се дава фајзеровата вакцина.






