вторник, 9 јуни 2026

Недоразбирањата меѓу Груевска и Љутков се префрлија на фејсбук

Не престануваат препукувањата помеѓу поранешната претседателка на Советот за македонски јазик, Симона Груевска и министерот за култура, Зоран Љутков. Иако и двајцата во своите објави на фејсбук велат дека не сакале недоразбирањата да ги решаваат преку социјалните мрежи, сепак, и двајцата своите гледишта за ситуацијата ја искажаа на своите профили на фејсбук. По оставката на Груевска, а како што вчера беше најавено на брифинг со новинарите, Советот за македонски јазик денеска требаше да добие нов претседател, а требаше да почне и обуката за петмина инспектори. На 12 мај годинава, Груевска поднесе оставка од функцијата претседателка на Советот за македонски јазик и координатор на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик.

Објавено на

часот

Сподели

По обвинувањата на Груевска упатени до Министерството за култура и директно до министерот Љутков дека никој не се грижи за македонскиот јазик, а револтирана од вчерашната изјава на министерот дека таа дала оставка од лични причини, што според неа не е точно, Љутков денеска на фејсбук ѝ возврати дека нејзиниот јавен настап е сензационалистички и дека фактите ги прикажува селективно.

„Вашата оставка ја примивме со почит. Меѓутоа, објавувањето на Вашето образложение на ваков сензационален начин, со селективно прикажување на фактите, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои сериозно и посветено работеа на јубилејот. Македонскиот јазик е далеку поважен од било чија лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки“, напиша Љутков на фејсбук.

Според министерот, Владата и Министерството за култура системски работеле на одбележувањето на јубилејот, а за таа цел биле формирани координативни тела во кои учествувале повеќе институции, меѓу кои и Советот за македонски јазик. Љутков ги отфрли тврдењата дека немало институционална поддршка и посочи дека средствата за активностите биле обезбедени во рамки на буџетите на надлежните институции. Дополнително, тој нагласи дека Груевска за својата работа добивала соодветен надоместок и дека не е точно оти целата работа била реализирана без финансиска поддршка. Тој уште ѝ врати дека со нејзините обвинувања го нарушува угледот на институциите.

„Непристојно е да ги девалвирате оние кои сериозно се вложија во одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик. Тврдењето дека сè било направено ‘без пари’ и дека Вие сте работеле без надомест не ја отсликува реалноста, Вие за вашата работа бевте соодветно платени на месечно ниво. Непристојно е да го негирате Советот за македонски јазик, тоа се врвни професионалци со огромно искуство и признание.

Во врска со Националната стратегија за македонскиот јазик, Љутков тврди сека работната група била формирана во јануари 2026 година, откако претходно биле направени сите потребни подготовки. Тој признава дека процесот траел подолго од очекуваното, но причината, вели Љутков во објавата, не било занемарување, туку „комплексноста на задачата и потребата од широка и темелна консултација со засегнатите страни“.

„Забелешките за Националната стратегија за култура се доставуваат до Министерството за култура и туризам, а не директно до Собранието. Со доставувањето до Комисијата за култура во Собранието, постапката Ви е формално погрешна. Не е точно дека немало комуникација. Координативното тело и работните групи беа токму местата каде се водеа сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик. Барање за лична средба, не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски. Останувам отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и идентитетот“, вели Љутков.

На оваа објава на Љутков му претходеше фејсбук статусот на Груевска во која таа меѓу другото напиша дека оставката не ја дала од лични причини, како што изјави Љутков, туку од објективни причини.  Таа обвини дека за една и пол година, колку што била на чело на Советот за македонски јазик, немала ниту една средба со министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Таа тврди дека институционалната поддршка за работата на Советот била минимална, а активностите поврзани со одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик биле реализирани без финансиска поддршка.

Груевска наведува дека речиси една година инсистирала да започне изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, предвидена со Законот за употребата на македонскиот јазик, но наишла на административни пречки и доцнења. Според неа, работната група за изработка на стратегијата била формирана дури на крајот на јануари годинава, а нејзините забелешки и барања останале без одговор.

Како дополнителна причина за оставката, таа ја посочува и јавната расправа за Националната стратегија за култура, тврдејќи дека Советот за македонски јазик не бил консултиран во делот што се однесува на јазичната политика. Груевска вели дека на расправата ѝ било сугерирано јавно да не ги изнесува своите забелешки, по што ја напуштила седницата и истиот ден ја поднела неотповикливата оставка.

Како што вчера беше најавено на брифинг со новинарите, Советот за македонски јазик денеска требаше да добие нов претседател, а требаше да почне и обуката за петмина инспектори.

На 12 мај годинава, Груевска поднесе оставка од функцијата претседателка на Советот за македонски јазик и координатор на работната група за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ