Законот, посочуваат, уште во рана фаза беше јавно објавен на платформата ЕНЕР со цел да биде достапен за увид и анализа од сите засегнати страни, а јавната расправа резултираше со исклучително голем одзив. Пристигнаа бројни мислења, предлози и забелешки од компании, институции, стручната и граѓанската јавност.
„Јавната расправа ни овозможи вредни препораки и забелешки за нацрт-законот. Паралелно започнуваме со следната фаза од усогласување на законскиот предлог. Ги разгледуваме сите доставени предлози и забелешки и ќе организираме работни средби со оние кои се изјасниле за предлог-текстот. Нашата цел е да добиеме усогласено, јасно и спроведливо законско решение кое ќе обезбеди заштита на животната средина, висока безбедност при работа и предвидлива инвестициска рамка“, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Со ова, додаде, Министерството уште еднаш потврдува дека е отворено за дијалог, соработка и заедничко креирање на законски решенија, со единствена цел – модерна и правична рамка за рударството во Македонија.
Таа најави дека во наредниот период, МЕРМС ќе ги разгледа детално сите пристигнати предлози и ќе ги прифати оние кои се во насока на подобрување на законското решение, во интерес на државата и граѓаните.
Од Министерството, пак, нагласуваат дека подготовката на законот да се води според највисоките европски стандарди, со цел да обезбеди современа и одржлива рамка за развој на рударството. Финалниот закон, прецизираат, ќе овозможи одржлива експлоатација и преработка на минерални суровини според највисоки стандарди, засилена контрола и транспарентност во сите процеси, задолжителни мерки за рекултивација и заштита на локалните заедници, јасна и правично поставена регулатива за сите учесници во секторот. Ќе се инсистира на строга примена на правилата и нулта толеранција за прекршувања, во интерес на безбедноста, заштитата на животната средина и добросостојбата на локалните заедници.






