„Тука беше додадена уште една тема, а тоа беше нелегална миграција. Морам да кажам дека денот беше инспиративен, го започнав со средба со министерот на Франција за Европа, господинот Бенжамин Хадад, којшто е исклучително близок на претседателот Макрон, ги кажавме нашите позиции, односно позициите што цело време ги повторуваме, дека мора да има испорака во дел на гаранции од страна на самата ЕУ, мора да има испорака од нашиот источен сосед во делот на почитување на меѓународното право, почитување на европските институции како што е Судот за човекови права, интегрирање на македонската заедница во рамки на Министерскиот совет за малцинства кај нашиот источен сосед итн.
Тоа не се дополнителни услови, туку тоа значи партнерство, тоа значи добрососедски односи помеѓу двете земји.
Во делот на безбедноста, тука го потенциравме фактот за енергетската безбедност, развојот на гасните интерконектори, овој што во моментот го градиме со нашиот јужен сосед со Грција и тој којшто планираме многу скоро да го отпочнеме да го градиме со нашиот северен сосед, а тоа е Србија. Потоа коридорите, континуирано ги споменуваме коридорите 10 и 8, коишто се за нас како држава многу важни, но и за Европа се многу важни, посебно за јужното крило на НАТО, бидејќи ги поврзуваат Јонското и Јадранското море со Црното море, тоа е коридорот 8, и коридорот 10 коишто ги поврзува практично Медитеранот, овој дел на Медитеранот со Егејското море, со Централна Европа.
Во делот на нелегалната миграција, нашиот став е апсолутно јасен дека ние практично ја браниме Европа од Европа, бидејќи кај нас мигрантите реално од земји членки на ЕУ нелегално влегуваат. Ја изнесов оваа идеја и пред премиерот Стармер, за време на билатералната средба, дека би биле добредојдени британски експерти, британска експертиза, па дури и полициски офицери, припадници на Армијата на Британија, заедно со нашите припадници да ја штитат нашата јужно-источна граница од нелегалната миграција и на тој начин да ја штитиме и Европа. Ја презентирав нашата отворена покана.
И да не ја заборавиме онаа процедура на потпишување на меморандумот на разбирање со американско-британскиот конзорциум којшто ќе инвестира во фабрика за производство, а е дел од наменската индустрија. Околу 150 милиони долари инвестиција и вработување на околу една илјада луѓе. Но тоа е само почеток, планот е да стигнеме до бројка од една милијарда.
Јас многупати кажувам дека мора да победуваме дома и тука немам никаква дилема, дека домашната задача е најважна, но мора да победуваме и во Лондон и во Брисел и во Париз и во Берлин и во Рим и во Вашингтон и во другите главни градови на земји-членки и на ЕУ, но и на влијателни држави во светот.
Ќе се бориме за да ги браниме националните интереси и интересите на Македонија, генерално и на граѓаните. Иднината на државата е во рамките на ЕУ, тоа е една од нашите последни стратешки цели.
Ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ да ја исполниме оваа стратешка цел, но истовремено да ги заштитиме македонските интереси.
Нормално дека пораката од нивна страна е дека местото на нашата земја е во рамките на ЕУ, како и генерално на целиот регион на Западен Балкан. Прилично инспиративна и конкретна дискусија имаше германскиот канцелар господинот Мерц, кој јасно кажа како го гледа регионот, нормално тоа е затворен состанок и сега не би сакал јас да ги зборувам деталите, но многу јасна насока даде, како го гледа регионот и кои се плановите за иднината на регионот поврзани со интеграцијата во рамките на ЕУ.
Исто така и дел од другите премиери и претседатели на земји членки на ЕУ имаа јасна порака и јасен начин како го гледаат регионот во иднина.
Така што јас останувам оптимист, но важно е да ја испорачаме домашната задача, тоа се реформите и тоа ќе го правиме во периодот којшто следува, очекувам прогрес и во делот на откочување на проблемот којшто го имаме во овој момент, но ајде да видиме, рековме наша цел е да го заштитиме нашето национално достоинство, нашиот идентитет и нашите национални интереси.
Приемот кај кракот Чарлс беше невообичаен настан за нас, јас би рекол од Балканот, и голема чест да бидеме дел од настан да поразговараме за состојбите во регионот. Јас апсолутно кажав тоа коешто треба да го кажам, а е поврзано со нашата Македонија, тој кажа свои искуства од Македонија кога бил тука, нормално тогаш во друго својство, како принц. Така што генерално главниот политички врв на Велика Британија беше таму, разговаравме и со министерката за надворешни работи, разговаравме и со други високи официјални лица, така што навистина ја оценувам исклучително успешна оваа средба, односно овој престој којшто го имав во Лондон. Утре се гледаме во Скопје во Македонија продолжуваме со активностите за вториот круг на локалните избори исто така утре го прославуваме големиот празник 23 октомври денот на ВМРО така што однапред го честитам на сите граѓани“, изјави Мицкоски.






