Тој во своето обраќање изрази голема благодарност до потпретседателот на Владата и министер за транспорт, до директорот на Јавното претпријатие за „Државни патишта“, до пратеникот во македонскиот парламент, до сите вработени во министерството, во јавното претпријатие „Државни патишта“, до сите оние коишто придонесуваат во Македонија денес да се гради како никогаш досега.
„Ширум Македонија ние имаме повеќе од 1.200 градилишта — нешто што досега не се случило. Повеќе од половина милијарда средства се финансирани од централниот буџет кон општините. Ако праксата во минатото беше Македонија да се краде, сега е пракса Македонија да се гради. И така ќе продолжи во годините коишто следат. Ако на тие половина милијарда евра ги додадете проектите што ги води Владата на централно ниво, оние капитални инвестиции што се спроведуваат и преку Јавното претпријатие „Државни патишта“, тогаш доаѓаме до неколку милијарди евра проекти кои во моментот се реализираат, но исто толку проекти кои и во годините што следат ќе бидат реализирани.
Спомена министерот за транспорт за патот од Страцин до Крива Паланка — оној експресниот. Јас би сакал да кажам дека во неформалниот дел пред оваа изјава разговаравме дека се развива и оној патен правец од Романовце до Страцин, којшто очекуваме во периодот што следи исто така да биде дел од јавна процедура.
Тендерската процедура е во тек, бидејќи, како што разбрав, експропријацијата е целосно завршена, се прави ревизија на проектот и очекувам и тука да почне јавната набавка и тој проект да почне со реализација“, изјави Мицкоски.






