недела, 7 декември 2025

Мицкоски на 11 Октомври: Оваа генерација ја има последната шанса, после која нема поправен

Потребна е длабока мобилизација на сите структури во општеството за да направиме рестарт на системот којшто е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања и разочарувања. Не само мобилизација на политичките елити, туку длабока мобилизација на сите структури во општеството. Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата, порача од Прилеп, премиерот Христијан Мицкоски на централното чествување на Денот на народното востание – 11 Октомври. Тој уште рече дека е подготвен да го води тој процес и сите да се обединат околу платформа која нема да биде само политичка или економска, туку општествена „за целите што сакаме да ги постигнеме како држава“.

Објавено на

часот

Сподели

„Академската средина се подели на ‘про наши и про нивни’, додека МАНУ секогаш за сите прашања е поттурнувана на страна, и се водат чудни полемики за проценти на застапеност, за тоа кој бил, а кој не бил академик, наместо за проценти на искористеност на нивните знаења и искуства. Има многу прашања за кои не се прашани, но и тие некако автоцензурирачки и задоцнето реагираат. Имам чувство дека престана да се комуницира со младите кои си создадоа свој микросвет, поразличен од нашиот. Одиме заедно низ процесите, но различно зборуваме. Затоа е потребен дијалог. И кога ќе речам дијалог, најмалку мислам на она што најпрво ви поаѓа на ум – покана за лидерска средба со опозицијата, што завршува со сала за состаноци, заедничка фотографија, милион прашања, а малку одговори и изјави во кои се тркаме кој ќе биде помудриот. Овој пат говорам за суштински дијалог со сите општествени фактори важни за државата – академската средина, професорите, академиците, науката, младите, искусните и оние со енергија за движење напред. Подготвен сум да го поведам тој процес и да се обединиме околу платформа, не политичка или само економска, туку општествена, за целите што сакаме да ги постигнеме како држава и патот кон тие цели“, рече Мицкоски.

Потсети дека во изминатите 30 години државата поминала низ тешки моменти како ембарга, транзиција, воен конфликт, вета, промена на името и дека секој од нив оставал трага врз колективната свест и меморија.

„Сакам да кажам дека никој од нас не е исклучен од свесноста за она што ѝ се случи на државата и сите овие работи ја уништуваа самодовербата и ја убиваа надежта. Многумина – тоа е причината поради која си заминаа и неповратно се иселија. Оправдано, но сепак поразително за целата држава е констатацијата на многумина дека системот во Југославија бил многу поорганизиран од сега. Не е тоа толку носталгија кон тој систем, нешто што било пред 30 и повеќе години, колку што е пред сè револт кон нефункционирањето на системот што се гради овие 30 години. А системот е трул и нефункционален, оптоварен со многу отстапки, неразумни компромиси, силувања, разочарувања. Затоа на граѓаните им се смачува од политика, од расправии за основните прашања. Затоа што премногу луѓе го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматурата отпорна на сите потреси. И виновниците за сето ова имаат и име и презиме. И ги знаеме сите нивни репризи, фарси, нивните мотиви и нивните цели што не се исти со нашите. Не знаеме до кога ќе прават вака, но знаеме дека нема да дозволиме да успеат, дури и тогаш кога ќе подаруваат поклони на други држави, а и кога ќе добиваат поклони од други држави. Она што вистински го знам и го потпишувам е сознанието дека оваа генерација, оваа наша генерација, е последната шанса по која ќе нема поправен“, нагласи Мицкоски.

Порача дека државата оди по вистинската патека и дека патот не е лесен, но е вистинскиот.

„И тој пат го градиме со срце, со вера и со љубов кон татковината. Секој чекор е за иднината на нашите деца, за младите што сакаат да останат, за Македонија што не се предава“, рече Мицкоски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ