Владата е во завршна фаза на разгледување на можноста самостојно да го реализира хидроенергетскиот проект „Чебрен и Галиште“, без вклучување на приватен партнер. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски на брифинг со новинарите, посочувајќи дека конечната одлука ќе биде донесена по разговорите со раководството на ЕСМ и по завршувањето на тековните анализи.
Според Мицкоски, државата е блиску до стратешка одлука со која еден од најзначајните енергетски проекти во земјата би се реализирал со домашно управување, по повеќе од 30 години неуспешни обиди и 14 пропаднати тендерски постапки.
Конечната одлука ќе зависи и од состаноците што се одржуваат во рамките на ЕСМ. Нашите пресметки покажуваат дека внатрешната стапка на поврат на инвестицијата е над 10 проценти, што го прави проектот економски оправдан“, вели Мицкоски, посочувајќи на придобивките од акумулациите што би се создале со изградбата како значаен ресурс за водоснабдување и управување со водните ресурси имајќи ги предвид климатските промени и глобалното затоплување.
Откако ќе се финализира физибилити студијата, ќе се избере изведувач по принципот „проектирај и изгради“. Вредноста на инвестицијата се проценува на околу една милијарда евра.
„Чебрен и Галиште“ се смета за еден од најважните инфраструктурни и енергетски проекти во државата. Освен што треба да обезбеди дополнителни количини електрична енергија и поголема стабилност на електроенергетскиот систем, проектот има и значајна водостопанска компонента.
Премиерот истакна дека со изградбата на хидроелектраните би се создале два големи резервоари со питка вода, што би претставувало стратешки ресурс во услови на климатски промени и сѐ почести сушни периоди. Дополнително, акумулациите би овозможиле подобро управување со водните ресурси и значително подобрување на системите за наводнување во Тиквешкиот регион.
Според владините проценки, вкупната вредност на инвестицијата би достигнала околу 1,5 милијарди евра заедно со трошоците за финансирање и каматите. Од Владата посочуваат дека анализите покажуваат внатрешна стапка на поврат на инвестицијата над 10 проценти, што според нив го прави проектот економски оправдан.
Хидроенергетскиот комплекс на Црна Река е еден од најдолго најавуваните капитални проекти во Македонија. Идејата за изградба на „Чебрен и Галиште“ датира уште од почетокот на 1990-тите години, но досега ниту една влада не успеа да обезбеди негова реализација, и покрај бројните тендери и преговори со потенцијални странски инвеститори.
Министерката за енергетика Сања Божиновска неодамна изјави дека постои силна политичка волја проектот конечно да се реализира, но предупреди дека обезбедувањето на финансиската конструкција останува еден од најголемите предизвици.
Доколку Владата донесе конечна одлука за самостојна изградба, „Чебрен и Галиште“ би станал еден од најголемите инфраструктурни и енергетски зафати во историјата на независна Македонија, со потенцијал значително да ја зголеми домашната енергетска независност и да обезбеди долгорочни придобивки за водоснабдувањето и земјоделството.






