сабота, 17 мај 2025

Литијата со моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ ја осветија Струга

На раскошно украсен епитаф, моштите на Свети Георгиј Победоносец, неговата чудотворна икона и иконата на Мајката Божја, Гликофилуса и годинава носени во торжествена литија ја осветија Струга.

Објавено на

часот

Сподели

Литијата или Еордијата, беше предводена од локалното свештенство и братството и сестринството од Бигорски, манастирите во Рајчица и Пречиста, епископот антаниски г. Партениј и високо преосвештениот митрополит тетовски-гостиварски г. Јосиф, со традиционалните торжества поминаа низ повеќе струшки улици, покрај кејот на реката Црн Дрим, низ Чаршијата и повотрно се вратија во храмот посветен на Свети георгиј победоносец, каде многуборјните граѓани им се поклонуваат на светињите.

Прв пат дел од ерозијата беше и од неговото блаженство архиепископот Охридски и македонски г.г. Стефан.

Литијата, како што истакна архимандрит Кирил од Бигорското братство, ја карактеризира присуството на светите мошти на Свети Георигиј од манастирот во Рајчица, неговата чудотворна икона од истоимениот храм во Струга, но годинава за првпат присутен и благословот на Пресвета Богородица Гликофилуса.

„Древноста на литијата, која навлегува во длабочината на вековите, сведочи за почитта на стружани кон Свети Георгиј. Тој е како еден вид патрон на градот. Самиот збор Еордија значи празнување. Тоа  е древна манифестација, која на црковно народен начин ја изразувала побожноста на стружани и околното население кон Свети Ѓеоргиј. Пред 16 години е возобновена и денеска претставува една уникатна манифестација во Македонија, која ги возвишува срцата на верните и на сите граѓани, бидејќи влегува и во културното наследство на државата“, истакна архимандрит Кирил.

Моштите на светителот на раскошно украсениот епитаф ги носат угледни граѓани, а еден од нив беше и стружанецот Коста Хиохи. За него претставува огромна чест и задоволство што е дел од торжеството, посочувајќи дека и како дете учествувал во литијата кога скромно се одело низ улиците на Струга со иконата на светителот.

„Не само за мене туку и за секој стружанец, овој празник претставува нешто навистина возвишено. Огромна е честа да се биде дел од овој торжествен настан, а да се носат моштите на великомаченикот и на заштитникот на Струга е навистина едно огромно задоволство и чест“, истакна Хиохи.

Присутните верници со восхит говорат за настанот, кој е посебен за стружани.

„Мили наши христољубци и оваа година на две недели после восхресението Христово, Свети Георгиј, пак не собра на, за нас стружани второто Воскресение. Дојдете и почуствувајте ја оваа радост од литијата. Ова е нешто величествено“, истакна една стружанка.

Поворката, според традицијата, ја предводеше церемонијално полициско возило, кое на симболичен начин го одбележува чествувањето на свети великомаченик Георгиј, како покровител на полициските и безбедносни сили. Меѓу возилото и литијата дефилира коњаник, облечен во римска трибунска воена облека, изработена од автентични материјали, којашто е верна копија на оригиналните воени оклопи од тоа време. Во раката држеше палмова гранка како симбол на мирот и ја најави процесијата.

На чело на Еордијата беше член од Бигорското братство со клепало, по него потоа носачи на крстови, рипиди, знамиња, псалти и братството на Бигорскиот манастир, оркестарот на Град Скопје, чудотворните икони на Свети Георгиј Победоносец и Богородичната икона „Гликофилуса“, сестринствата од манастирите во Рајчица и Пречиста, свештениците, а потоа и моштите на светецот,  придружувани и чувани од четворица капетани од сејменската гарда на Бигорскиот манастир, облечени во традиционална мијачка носија, со сејменски ќостек на градите, на којшто е претставен ликот на Свети Јован Крстител. Зад сердарите оди сејменската гарда, облечени во традиционални мијачки носии, со ќостек на градите со ликот на Свети Георгиј Победоносец.

Верниците и сите добронамерници се движеа после гардата, а оние што не можеа да се вклучат во Литијата поради многубројниот народ, останаа на двете страни од улиците и заедно со дечињата облечени во народна носија и цвеќиња во рацете поздравувајќи со со зборовите „Христос воскресна! Навистина воскресна!”

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ