„Лајка е живо сведоштво дека и во ограничени услови – со труд, посветеност и заедничка волја може да се создаваат успеси, среќни судбини и вистински промени. Во изминативе години ја трансформиравме Лајка во институција што покажува дека системот може да биде и хуман, транспарентен и посветен на секое живо суштество#, наведуваат од претпријатието.
Оттаму додаваат дека и покрај значајниот напредок, останува уште многу работа, особено во делот на регулирањето на одговорното сопствеништво. – Без јасна и строга законска рамка, проблемот со напуштените кучиња не може трајно да се реши, затоа што секојдневно гледаме нови животни на улиците и повторно се враќаме во круг, стои во соопштението.
По повод петгодишнината, „Лајка“ ги сподели и петте симболични роденденски желби на кучето, како порака за сите граѓани – секое куче да има свој дом; Да нема повеќе гладни, болни и заборавени животни, затоа што хуманоста не е луксуз, туку обврска; Да се знае дека секој живот вреди, бидејќи нема „куче скитник“, туку само живи суштества со чувства и љубов; Да бидеме општество кое не убива, туку решава со систем што лечи, вдомува, едуцира и обединува; Да веруваме во добрината, бидејќи секое вдомено куче е доказ дека љубовта може да се најде дури и по долг престој зад решетки.
„На петтиот роденден не ни требаат подароци, ни требаат луѓе. Луѓе кои ќе вдомат, ќе дојдат, ќе прегрнат и ќе го почувствуваат пулсот на хуманоста што ја градиме заедно“, порачуваат од претпријатието.






