Обвинетите заслужуваат не само правна, туку и морална осуда бидејќи се работи за убиство на дете. Обвинетите сковале план да се грабне возило кое може да се движи незабележано, но и лицето да живее само за да не биде веднаш барано. Го избрале Панче бидејќи неговиот „цитроен“ бил со голем гепек. На 22 го грабнале и убиле Панче. На 24 ноември се обиделе, но не успеале да ја грабнат Вања. Истото го повториле на 27 ноември откако претходно таткото на девојчето го имформирал Палевски дека Вања сама ќе оди на училиште. Го извршиле грабнувањето и ја убиле Вања која го обожавала татка си и пишувала состави за него, кажа меѓу другото обвинителката Жаклина Јосифовска во завршните зборови од судењето за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешкиот пензионер, Панче Жежовски на денешното судско рочиште.
За Палевски, Јосифовска рече дека од страв да не биде фатен отишол за Белград, иако немал закажано никаков здравствен преглед.
„Обвинителството ги докажа сите дела кои им се ставаат на товар на обвинетите врз кои не е вршено никакво насилство, а вина има и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања кој на обвинетите им ги дал информациите за движењето на девојчето. Неговото однесување било чудно, постојано зборувал дека Вања е киднапирана“, рече Јосифовска.
Во врска со претходното оспорување на времето кога биле убиени Ѓорчевска и Жежовски, обвинителството го прецизираше времето на двете убиства, односно, Ѓорчевска била убиена помеѓу 8:30 и 9:30 часот, а Жежовски околу 11 часот.
„Животот е светост што нѐ обединува сите. Убиството особено на дете не е само чин на бруталност, туку напад на општеството, тоа не смее да се оправда ниту да се заборави. Со тоа се уништува довербата и иднината. Морална осуда од цело општество за обвинетите, тие го изгубиле сочувството, емпатијата. Филмско сценарио за кое прво им трбеало возило кое немало проблем да се движи во сообраќај. Ниту еден од обвинетите по убиството на Панче не реагирал како суштество за да се прекине тоа, напротив продолжиле кон дете од деветто одделение, дете кое ниту на сон не им згрешило на обвинетите. Таткото ѝ бил омилен на Вања, таа дури и му посветила состав на училиште со наслов ‘Најдобар татко’. Од првите моменти тој се однесува чудно, со колата тргнува сам да ја бара Вања, без притоа да праша како е и каде е другото дете Миња“, неведоа во завршните зборови од Обвинителството.
Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.
Обвинетите на почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни, а првообвинетиот Палевски низ процесот тврдеше дека ова е политички монтиран процес.
Малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.