вторник, 9 јуни 2026

Хоџа: Водата е прашање на безбедност, економски развој и климатска отпорност

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа денеска се обрати на сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Македонија, посветена на европските политики за водите во услови на климатски промени.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето обраќање, Хоџа истакна дека водата денес не претставува само природен ресурс, туку прашање поврзано со безбедноста, економскиот развој, јавното здравје и квалитетот на животот. Тој нагласи дека новите европски политики ја позиционираат водата како стратешки ресурс и клучен фактор во процесот на климатска адаптација и одржлив развој.

„За нас ова е и обврска и можност – да го забрзаме усогласувањето со европските стандарди и да ги унапредиме реформите за поефикасно и поодржливо управување со водните ресурси“, истакна Хоџа.

Тој посочи дека климатските промени веќе имаат директно влијание врз водните ресурси преку суши и поплави, кои создаваат притисок врз земјоделството, екосистемите и целокупното управување со водите.

Во тој контекст, министерот го нагласи значењето на интегрираниот пристап кој ги поврзува политиките за животна средина, земјоделство, енергетика и просторно планирање.

Хоџа посебно ја истакна и потребата од дигитализација на управувањето со водниот сектор во институциите, како и инвестиции во природно-базирани решенија, кои, како што рече, се клучни за долгорочна климатска отпорност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ