вторник, 9 јуни 2026

Град Скопје одобри пари за нова противпожарна станица во Општина Аеродром

Преку усвоениот Ребаланс на Буџетот, на денешната седница на Советот на Град Скопје биле обезбедени 50 милиони денари за изградба на нова противпожарна станица за потребите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Новата станица, како што информираат од прес-службата на Град Скопје, ќе биде лоцирана во Општина Аеродром, во близина на Центарот за јавно здравје, и претставува значајна инвестиција во безбедноста на граѓаните и унапредувањето на условите за работа на скопските пожарникари.

Со реализацијата на овој проект, како што се наведува во соопштението, ќе се овозможи подобра организација на противпожарните служби, побрза реакција при интервенции, поефикасно спасување човечки животи и зголемена заштита од пожари и други вонредни ситуации во урбаните и приградските подрачја на градот.

„Пожарникарите секојдневно се соочуваат со сериозни ризици во извршувањето на своите задачи и затоа заслужуваат современи услови за работа, модерна опрема и соодветна инфраструктура. Изградбата на новата станица е конкретен чекор кон целосна модернизација на Противпожарната бригада на Град Скопје и создавање систем кој ќе биде подготвен, брз и ефикасен кога тоа е најпотребно“, посочуваат од Град Скопје.

Градот Скопје изразува благодарност до сите советници кои го поддржале овој проект и придонеле за неговата реализација.

„Станува збор за инвестиција од трајно значење која директно ќе придонесе за поголема безбедност и подобар квалитет на живот на сите граѓани. Град Скопје продолжува посветено да работи на реализација на проектите кои носат конкретни резултати и придобивки за градот и неговите жители“, се вели во соопштението на Град Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ