„Верувам дека овој пат ќе победи визијата, прогресивноста и љубовта кон татковината. Граѓаните ќе изберат да застанат зад политики што носат правда, еднаквост и фер можности за сите. Овие избори нема да бидат само избор меѓу партии, ова е избор меѓу минатото и иднината!“, рече Филипче.
Тој испрати повик дека е време за работа, за проекти, за сигурност и за достоинство. Но и време за општини каде наместо застој, ќе се градат патишта, сообраќајници, училишта и гасоводи. За општини во кои ќе се живее поубаво, посреќно, поспокојно и посигурно.
„Ова е момент на враќање. Да се обединиме околу вистинските вредности и да покажеме дека имаме сила и храброст да се избориме за нашиот дом, за нашата иднина, за нашето семејство. Само обединети и само со силен СДСМ може државата да оди напред. Само тогаш може да зборуваме за вистински развој и за стабилност“, порача тој.

Притоа, претседателот на СДСМ, Филипче, ги повика ресенчани на 19 октомври, да излезат и да го кажат својот збор. Да изберат работа со СДСМ, наместо празни зборови со ДПМНЕ, резултати наместо изговори и визија наместо хаос.
„Ќе го изберете СДСМ, Александар и советничката листа на СДСМ за политика што слуша, што делува и што стои со народот. На 19 да излеземе, да гласаме, да ја вратиме силата во рацете на граѓаните! Да ја вратиме надежта, гордоста и сигурноста во нашата земја!“, рече Филипче.
Кандидатот на СДСМ за градоначалник на Ресен, Александар Бузлевски на митингот порача дека е време за Преспа без отпад, со силно земјоделство и туристички развој.
„Нашата општина стои на раскрсница и време е да се избере човек кој го слуша вашиот глас, кој ја дели истата љубов и болка за Преспа, за Преспанското Езеро, за земјоделците, за децата. Јас не ветувам невозможни проекти, туку чесна, транспарентна и посветена работа за секој граѓанин“, порача од трибината во Ресен, кандидатот за градоначалник на СДСМ, Александар Бузлевски.
Тој побара поддршка и доверба од граѓаните за урбана опшина, која ќе ја врати на граѓаните. Најави детален план за развој на општината во следните 5 до 10 години, со јасна визија и конкретни чекори во повеќе клучни области.
„Преспа има сè, плодна земја, прекрасно езеро, вредни луѓе. Она што недостасува е чесно и визионерско раководење. Време е општината да се врати кај граѓаните. Ќе бидам првиот меѓу вас, не над вас“, истакна кандидатот за градоначалник, Бузлевски.
Во визијата за урбана општина се: поддршката за земјоделците, изградба на агроканализација , нови бунари, реконструкција на водоводната мрежа и стабилно водоснабдување; средени училишта, униформи за учениците и стипендии за талентирани деца; стратегија за развој на туризмот, бесплатни дигитални обуки, поддршка за спортските клубови и создавање младински совет; чистење на дивите депонии, зеленило, како и служби за домашна нега на стари и болни лица, паркови за пензионери, поддршка за семејства во ризик и достапни јавни простори.
„Секој граѓанин ќе биде слушнат. Секој денар ќе се троши домаќински. Мојата победа ќе биде победа на тивкиот, чесен, обичен народ од Преспа, кој сака промени и иднина тука, дома. Да ѝ дадеме шанса на Преспа и да покажеме дека можеме, затоа што народот е посилен од сите пречки“, рече Бузлевски.






