петок, 20 февруари 2026

Уапсен 20-годишник од Мала Речица што се заканувал со масовен напад (ФОТО)

Во координирана полициска акција во тетовскиот регион, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе две кривични пријави – една за тероризам против 20-годишен жител на Мала Речица и друга против 89-годишен маж за недозволено поседување и тргување со оружје.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, акцијата била спроведена по добиени информации од Федералното истражно биро на САД и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје. При претресите биле пронајдени автоматско оружје, повеќе пиштоли и поголемо количество муниција.

Според соопштението, осомничениот К.Х. (20) кон крајот на јануари годинава преку социјалната апликација Дискорд упатил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47, позната како Калашников. Притоа, како што наведуваат од МВР, тој посочил дека има нарушено психичко здравје.

Како инспирација за заканата, според информациите од полицијата, му послужил трагичен настан од 14 декември 2012 година во САД, кога 20-годишен напаѓач во училиште усмрти 26 лица, од кои 20 деца.

По добиените информации од Амбасадата на САД дека Федералното истражно биро поднело барање за итно откривање на профил на Дискорд од кој биле упатени заканите, МВР во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција презело мерки за идентификација на сторителот.

По лоцирањето на корисничката адреса, на 17 февруари 2026 година полициски службеници од Секторот за борба против тероризам, со асистенција на Специјалната антитерористичка единица Тигар, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица.

За време на претресите кај осомничениот и членови на неговото потесно семејство биле пронајдени и одземени повеќе предмети поврзани со кривично дело, меѓу кои: автоматска пушка АК-47 со две рамки и 40 куршуми калибар 7,62х39 милиметри, пиштол М57 со две рамки и 49 куршуми, пиштол чероки со две рамки и повеќе од 600 куршуми калибар 9 милиметри, тактички и борбени елеци, ножеви со различна должина на сечиво, како и електронски уреди.

Две лица се лишени од слобода. Против К.Х. е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело тероризам по член 394-б став 2 од Кривичниот законик, додека против Џ.Х. е поднесена пријава до Основното јавно обвинителство Тетово за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи по член 396 од Кривичниот законик.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ