Во најновиот извештај на СЗО се вели дека најмалку 15 милиони тинејџери на возраст од 13 до 15 години користат е-цигари низ светот, при што младите луѓе во просек имаат девет пати поголема наклонетост кон вејпингот од возрасните.
Според овој извештај, повеќе од 100 милиони луѓе во светот сега користат вејпинг, вклучувајќи најмалку 86 милиони возрасни, претежно во земји со висок животен стандард.
Вниманието на пошироката јавност го привлекоа најновите сознанија за новите навики на луѓето, особено ако се споредат со сознанијата дека глобалната употреба на тутун продолжува да се намалува, при што бројот на корисници се намалува од 1,38 милијарда во 2000 година на 1,2 милијарда во 2024 година.
Познавачите на состојбите коментираат дека ваквиот развој на настаните е резултат на сè построгите регулативи, кои помагаат во намалувањето на употребата на тутун, па индустријата се сврте кон алтернативни производи како што е вејпингот за да го надомести падот на продажбата.
Тутунските компании велат дека се насочени кон возрасните пушачи за да им помогнат да се откажат и да ги намалат штетите од пасивното пушење.
„Сепак, електронските цигари предизвикуваат нов бран на зависност од никотин“, предупредува Етјен Круг, директор на Одделот за промоција и заштита на здравјето на СЗО.
Според најновото истражување ESPAD 2024 (European School Survey Project on Alcohol and Other Drugs report), тинејџерите во Македонија и во Европа го менуваат својот однос кон пушењето и алкохолот. Во земјава, младите пушат многу помалку од своите врсници во другите европски земји, но расте употребата на електронски цигари, што е причина за загриженост.
Истражувањето ги опфати навиките на над 113.000 ученици од 37 европски земји. Резултатите покажуваат дека традиционалното пушење и пиење алкохол постепено опаѓа, додека новите начини на употреба, како е-цигари и лекови без рецепт, стануваат сè почести. Во Македонија, момчињата почесто почнуваат со алкохол на млада возраст, додека девојчињата сѐ почесто свртуваат кон е-цигари.
Во Европа, околу 32% од тинејџерите некогаш пробале цигара. Најмногу пушат учениците во Унгарија и Словачка, а најмалку во Исланд и Малта. Во повеќето земји девојчињата пушат повеќе од момчињата, но во Косово и Грузија момчињата се поактивни во пушењето. Македонија има ниска стапка на пушење, но трендот на префрлање кон е-цигари расте.
Е-цигарите се најлесно достапни за младите – речиси 60% велат дека лесно можат да ги набават. Највисока употреба се забележува во Данска, а најниска во Косово. Во Европа, околу 44% од тинејџерите ги пробале барем еднаш, а девојчињата генерално се поактивни. Сепак, во Македонија момчињата имаат поголема склоност кон е-цигари, што е сигнал за внимателна превенција.
Алкохолот останува најдостапен за младите. Во просек, 75% од учениците велат дека лесно можат да го најдат. Во Македонија, 35% од момчињата и 22% од девојчињата пробале алкохол пред 13 години, што покажува дека раното пиење е почесто кај машките. Во Европа, најчесто „пијанството“ се случува во Данска и Германија, додека во Косово и Исланд е значително поретко.
Канабисот останува најпопуларната нелегална дрога, но употребата во Македонија е многу ниска, под 5%. Во европските земји 26 % од учениците велат дека можат лесно да најдат канабис на пазарот. Најмногу го употребуваат во Данска, Германија, Словенија и Норвешка (околу 40 %), а најмалку младите во Молдавија, Украина, Косово и Грузија.
Новите психоактивни супстанции и лекови без рецепт се користат во помал број, а инхалантите се речиси непопуларни во земјава.
Истражувањето ESPAD 2024 покажува дека европските тинејџерски навики се менуваат: традиционалното пушење и пиење опаѓаат, но е-цигарите и раното пиење остануваат предизвик.






