Со извршената ревизија за 2024 година, Државниот завод за ревизија (ДЗР) изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеност со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.
„Утврдените состојби со извршената ревизија за 2024 година упатуваат на заклучокот дека состојбите утврдени со Конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2021 година како и со ревизорските извештаи од претходниот период се повторуваат и утврдените слабости не се надминати. Во 2024 година постои континуирана промена на раководната структура што влијае на начинот на работењето и остварување на основната цел на Агенцијата за која е формирана. Агенцијата за филм во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, што исто така влијае на квалитетот на извршувањето на дејноста и работењето на Агенцијата. Овој недостаток го надополнува преку ангажирање на лица по договор на дело без спроведена постапка за исполнетост на условите и квалификациите за соодветното работно место“, се наведува во извештајот.
ДЗР уште констатирал дека обврските по неисплатени проекти по одобрени средства од буџетот на Министерството за култура и туризам за кои се склучени договори за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм како и за фестивали бележат тренд на континуирано и значителено зголемување особено во периодот од 2022 година до 2024 година.
„Соодносот одобрен буџет напсроти обврски по проекти изнесува 1:5., што укажува дека во континуитет Агенцијата презема повеќе обврски од одобрениот буџет. Значителното зголемување на обврските на Агенцијата ги нарушуваат барањата на Законот за финансиска дисциплина како и начелото на сигурно финансиско управување предвидено со Законот за буџетите и може да доведе до судски постапки и трошоци по основ на камати“, констатирал државниот ревизор.
Си Конечниот извештај уште е констатирано дека пописот на средствата, побарувањата и обврските во Агенцијата за филм не е извршен, ниту е направено усогласување на искажаната состојба во деловните книги со фактичката состојба, иако за тоа биле донесени неколку решенија.
„Попис не е извршен ниту во претходните години, што претставува сериозен пропуст во финансиското управување. Агенцијата нема изготвена Стратегија за развој на филмската дејност, со што недостигаат јасни насоки за долгорочниот развој и приоритетите во оваа област. Од страна на одговорните лица до Владата не се доставуваат шестмесечни извештаи за работењето на Агенцијата, што негативно влијае на транспарентноста и отчетноста во работењето. Ревизорите утврдиле дека не е воспоставена ажурирана евиденција за филмските продуценти, дистрибутерите, киноприкажувачите, како и за филмовите снимени со средства од Буџетот. Недостасува и евиденција за филмовите што се дистрибуирани и прикажани во домашните кина“, констатирал ДЗР.
Во текот на ревизијата е утврдено и дека е извршено поништување на конкурсот за финансирање на филмски проекти (игран, документарен и анимиран филм) без законски основ, што претставува прекршување на пропишаните процедури. Дополнително, констатирани се слабости во постапката за спроведување на конкурсите за филмски проекти и фестивали, како и отсуство на интерен акт или процедура која би ги дефинирала правилата за спроведување на овие постапки. Причина за тоа е укинувањето на претходно важечкиот Правилник за поддршка на филмски проекти.
„Агенцијата не воспоставила целосни и навремени контроли во процесот на реализација на филмските проекти и фестивали. Недостасува документација од страна на продуцентските куќи за докажување на исполнетите услови, што укажува на ризик од ненаменско користење на доделените средства. Ревизорите утврдиле слабости и во следењето на динамиката на реализација и исплатата на филмските проекти, што создава ризик од нефункционална распределба и користење на буџетските средства. Евидентирано е дека е склучен договор за финансирање на проектни активности на здруженија од областа на филмската дејност без законски основ, што претставува прекршување на законската рамка. Агенцијата нема организирана и воспоставена единица за внатрешна ревизија, иако тоа е законска обврска. Отсуството на ваква единица го ограничува капацитетот за внатрешна контрола и подобрување на квалитетот на работењето“, велат од ДЗР.
Во делот на приходите, ревизијата утврдила дека се користи стара и неажурирана методологија за утврдување на надоместоците од 2015 година, иако постојат промени во законските акти кои ја уредуваат оваа област. Агенцијата донела одлука за определување на надомест за администрирање на филмските проекти доставени по конкурс, но истата нема законски основ и не е во согласност со постојните прописи.
„Исто така, е утврдено дека Агенцијата не располага со ажурирана евиденција за правните лица од кои треба да остварува приходи врз основа на својата дејност, што влијае на целосноста на финансиското известување. Не се врши ниту навремена изработка на решенија за пресметка на надоместите , што доведува до задоцнета наплата и неефикасно управување со приходите. Во рамките на внатрешните процеси, не се воспоставени механизми за усогласување помеѓу службата што ги издава решенијата и сметководствената евиденција, што создава ризик од несогласувања во финансиските податоци. Исто така ревизијата утврди дека продуцентите кои добиле средства по конкурси, а чии филмови се завршени и имаат премиера, не ја доставуваат комплетната документација за докажување на остварената бруто добивка од филмските проекти. Агенцијата при тоа не го остварува своето право на учество во добивката во висина од 50 отсто од сопственото финансирање“, се наведува во извештајот на ДЗР.
Во делот за останати прашања од работата на Агенцијата за филм, ревизорите известуваат за потребата од доуредување на Законот за филмската дејност за потребните квалификации за именување на членови на филмскиот совет во делот за тоа кои лица се сметаат за истакнати поединци од областа на филмот и културата како и за висината на банкарската гаранција која треба да ја обезбедат филмските продуценти.






