сабота, 12 јули 2025

Дурмиши: Добивме 6026 апликации за Оперативниот план за вработување, за кој се обезбедени 40 милиони евра

Оперативниот план за вработување за 2025 е клучен проект на Министерството за економија и труд во изминатата година. Во отчетот за првата година од мандатот, ресорниот министер Бесар Дурмиши рече дека планот е носечка алатка и стратешки документ во борба со невработеноста за кој е обезбеден рекорден буџет од речиси 40 милиони евра.

Објавено на

часот

Сподели

Како што рече, ОПВ е насочен кон повеќе од 16 илјади граѓани и соопшти дека досега преку четирите јавни повици се поднесени 6026 апликации.

Планот опфаќа низа специфични мерки за обуки, стекнување вештини и грантови за сопствени бизниси со кои ќе им се помогне на различни категории граѓани – млади до 29 години и луѓе од ранливи групи да се (само)вработат и да станат економски независни.

Дурмиши се осврна и на поддршката за компаниите и на заштита на граѓаните поради инфлаторните притисоци за што, рече, беше донесена мерка за скалесто ограничување на маржите за 102 групи производи – над илјада артикли.

„Стапката на инфлацијата е намалена за 1,3 проценти, а цените на храната за 3 проценти само во март 2025, а преку други мерки кои дадоа резултати постигнавме намалување на цените и реална заштеда за семејствата“, рече Дурмиши, додавајќи дека Министерството постојано ги следи податоците од релевантни институции и прави анализи со мерки за да се заштитат граѓаните од ценовни шокови или нарушување на трговските текови.

Посочи и за воведената обврска за маркетите да ги објавуваат цените на нивните веб-страници и соопшти дека во наредниот период ќе се изработи и апликација која преку алгоритам ќе ги споредува цените и ќе им покажува на граѓаните каде е производот најевтин и во нивна близина.

Соопшти дека во март е реализирано законското зголемување на минималната плата – од 22.567  на 24.379 денари односно покачување од околу 8 проценти.

Меѓу другото, во отчетот тој истакна дека е горд што Министерството издало лиценца за компанијата „Киел“ за отворање нов производствен капацитет во ТИРЗ зоната во Тетово.

„Во тек се четири нови инвестиции во оваа зона, со цел создавање нови работни места, кои ќе ја стимулираат локалната економија и ќе ја зголеми регионалната конкурентност“, истакна  Дурмиши.

Посочи и дека буџет од 45 милиони денари е наменет за  јавни повици за поддршка на занаетчиство, дигитализација, конкурентност на индустријата, стандардизација на ИСО и Халал-стандарди, акредитација на лаборатории и поддршка на НВО кои ги штитат потрошувачите.

Во отчетот Дурмиши информираше и дека се зајакнати инспекциите, така што трудовиот инспекторат ги зголемил контролите за 20 отсто, а пазарниот инспекторат за 15 проценти.

„Ова беше година на предизвици, а уште повеќе година на труд, посветеност и вистинска ориентација кон граѓанинот. Нашите политики имаат една заедничка нишка – подобрување на квалитетот на живот, зајакнување на пазарот на трудот и обезбедување економски раст и стабилност“, порача министерот економија и труд.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ