недела, 7 декември 2025

ДИК ги потврди имињата на новите кандидати за пратеници

Александра Николовска, Мартин Стојановски и Мито Андонов се кандидатите за пратеници наместо Бети Стаменкоска Трајкоска, Јане Мицевски и Дејан Проданоски кои беа избрани за градоначалници на локалните избори, заклучи Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница.

Објавено на

часот

Сподели

Како што образложи претседателот на ДИК, Борис Кондарко, Николовска, Стојановски и Андонов редоследно, според листата на коалицијата „Твоја Македонија“, треба да ги заменат Стаменкоска Трајкоска, Мицевски и Проданоски.

Пред Стојановски на листата за пратеници од коалицијата е Игор Никовски, но Никовски ја известил ДИК дека не го прифаќа мандатот поради што Стојановски доаѓа на неговото место.

За нвоите тројца пратеници ДИК, рече Кондарко, веднаш ќе го информира Собранието.

Претходно денеска, на седница, Собранието констатира дека на Бети Стаменковска Трајковска, Јане Мицевски и Дејан Проданоски им престанаа мандатите за пратеници.

„ДИК констатира дека пратеници во Собранието за остатокот од мандатот ќе бидат Александра Николовска, Мартин Стојановски и Мито Андонов, првите двајца за Изборната единица 1, а Андонов за Изборната единица 4“, истакна Кондарко и дополни дека според процедурата, ДИК на избраните пратеници ќе им издаде уверение, а Собранието потоа треба да ги верификува нивните мандати.

Пратеничката Бети Стаменкоска-Трајкоска е избрана за градоначалник на Кисела Вода, пратеникот Јане Мицевски за градоначалник на Сопиште, а Дејан Проданоски за градоначалник на Прилеп.

ДИК на денешната седница ја усвои и Одлуката за доделување средства на своите вработени, на припадниците на МВР и на другите ангажирани лица за враќање на уредите за биометриска идентификација на гласачите кои се користеа во изборниот процес. Уредите треба да бидат донесени во ДИК, а потоа од нив треба да се избришат и сите внесени податоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ