сабота, 6 декември 2025
Продолжува судењето за трагедијата со 63 жртви

Адвокатите на обвинетите за трагедијата во „Пулс“ се жалат на неуредни докази во кои не можеле да се снајдат

Со истите мерки како и на првото, денес продолжи второто рочиште за судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ Под силно полициско обезбедување и со мерки за безбедност од притвор до дигиталната судница во Идризово каде се одржува судењето, беа спроведени дел од обвинетите. Во оваа постапка им се суди на 35 физички и три правни лица за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.

Објавено на

часот

Сподели

Одбраната на почетокот на судењето даде забелешки дека обвинителите, кои се 15 на број и кој работат на овој предмет, им доставиле докази кои се неуредни и во кои тие не может да се снајдат.

„Не можеме да се снајдеме за тоа кој доказ е доказ даден во електронска форма или на УСБ, сите докази се наопаку, а не може да се превртат. Доказите генерално се неуредни, а таа листа на докази треба да ни бидат водич за ова судење. Има многу грешки и не можеме да се снајдеме. Судот да го задолжи Обвинителството да даде докази кои се нумерирани и средени“, рече пред судот адвокатката Сузана Јошевска.

На ова обвинителот Борче Јанев одговори дека доказите ќе бидат средени и ќе ѝ бидат доставени на одбраната.

„Доказниот материјал не е нумериран, туку е даден редоследно. Сите докази кои се наведени како докази, се предадени на одбраната во текот на месец јуни. Точно е дека има повторување на некои докази, но во самите ПДФ фајлови се означени доказите кои се дадени и можат да се снајдат“, вели обвинителот Јанев.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во март годинава во Кочани, загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени.

Судењето денес треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на минатото рочиште Обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.

Обвинителот Борче Јанев на првото рочиште за трагичниот пожар истакна дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост.

„Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил“, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.

Трагедијата од 16 март 2025 година, според Обвинителството, е резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: дискотеката функционирала без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и само еден излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и деца по полноќ, без проверки за опасни средства.

Настапот на групата ДНК бил претходно договорен со употреба на пиротехника, а вградените материјали, особено сунѓерот на плафонот, при согорување ослободиле смртоносни гасови, што во услови на недоволни излези довело до загуба на млади животи и катастрофални последици.

И на денешното второ по ред рочиште во судница се присутни родителите и роднини на загинатите во трагедија. Судењето кое е во тек го води судијката Диана Груевска Илиевска.

К. Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ