вторник, 25 март 2025

Македонија треба похрабро да го бара излезот од кошмарот на глобализацијата

Светот на глобализацијата заврши на 20 јануари, оваа година, со инаугурацијата на актуелниот американски претседател, Доналд Трамп. Парадигмите се менуваат и овој период на промена ќе трае. Во овие околности, потребна е храброст, но и добро е Македонија да се изјасни каде припаѓа, на кој дел од светот му припаѓа, смета амбасадорот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Ивица Боцевски, како добар и внимателен аналитичар на геополитичките процеси.

Објавено на

часот

Сподели

Неколку потези во кус период на македонската надворешна политика, поврзани со пообемни геополитички прашања, предизикаа различни реакции на внатрешно-политички план, со процени – од ризични за стратегиските определби на Македонија, па до правилно заземен став во новата динамика на геополитиката, именувана како „новото нормално“. Домашната дебата за македонската позиција во „новото нормално“ на геополитички план, започна уште со присуството на премиерот Христијан Мицкоски на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД, а како конкретен чекор на македонската надворешна политика произлезе коспонзорството на американската резолуција во Обединетите Нации за Украина, но и недоумиците од подоцнежното воздржано гласање – како за американската, така и за „европската“ резолуција. Аплаузот на премиерот Мицкоски за говорот на потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција, кој ги костернираше европките лидери, беше оценет како заземање на американска страна, наспроти европската.

До пред еден и пол месец, можеше да се стави знак за еднаквост во американско-европските гледишта за прашањата од политичко-безбедносен карактер, па дилемите околу заземање една или друга страна се сведуваа на тавтологија. Но неодамнешните, па и сè уште актуелните, разногласја околу решенијата за мир по тригодишната војна од Русија на територијата на Украина, сериозно навестуваат различен светоглед за темите и вредностите кои им беа заеднички на САД и ЕУ, како на пример НАТО. Согледувајќи го македонскиот аспект, евентуалниот избор на страна при продлабочување на разликите во светогледот на стратегиските партнери и сојузници – логично се чини да се прифати логиката на стратегискиот партнер САД, со оглед на долгогодишната контроверзна и непринципиелна од европска страна, релација на Македонија со ЕУ. Актуелниот статус на таа македонско – европска врска е комплексен и обременет ( како и секогаш во изминативе 20-ина години) со непринципиелни услови за Македонија само за да ги започне преговорите за членство во Европската Унија. Сепак, позиционирањето на нашата надворешна политика во актуелниот геополитички момент неминовно ги поставува дилемите: каква порака испраќаме до ЕУ со понагласената поддршка на позициите што ги застапува САД во однос на Украина, наспроти оние на Унијата? Како и дали тоа може да се рефлектира на нашите евроинтеграции?

Правецот на македонската надворешна политика е јасен – стратешко партнерство со САД, члентвото во НАТО и останување на патот кон неостварената стратешка цел – полноправното членство со Европската Унија, се последно декларираните позиции на македонското МНР за евентуалниот избор меѓу САД и ЕУ.

Истовремено се изразува уверување од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дека сите предизвици што ги има трансатлантското партнерство за некој период пак ќе се надминат и затоа ние ќе се поставиме одејќи по нашиот интерес. А клучна неостварена политичка цел за која активно се работи во последниот период е полноправното членство во ЕУ, односно отпочнување на процесот на преговори со ЕУ и се нагласува дека тој дијалог никогаш не е застанат.

„Трите столба на македонската надворешна политика се непроменети, кои се потпираат на трансатланската врска и евроинтеграциите. Нема контрадиција меѓу овие наши аспирации, кои се обединуваат во членството во НАТО. Можеби во овој миг има разногласје околу начинот и средствата за постигнување мир во Украина, меѓу САД и ЕУ, но трансатланската врска е жива. Сепак, можеби треба похрабро да се застане на американската страна во оваа дебата за вредностите и двојните стандарди на Европската Унија, што ги лоцираше во својот говор на Минхенската конференција, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс. Впрочем, Македонија е еклатантен пример на жртва на тие двојни стандарди и вредности на Европската Унија, па и во поглед на слободата на говор. Сега во ЕУ нè цензурираат нас Македонците и кога ќе кажеме Македонија! Затоа Македонија треба да учествува во оваа дебата, да се изјасниме идеолошки каде припаѓаме и да ги декларираме своите вредности и интереси. Глобализацијата испадна кошмар за Македонија и мораме да се извлечеме од него во постглобалистичкиот период кој се воспоставува“, цени дипломатот и аналитичар Ивица Боцевски.

Во контекстот на надворешно-политичкото позиционирање на Македонија во периодот на постглобализација, е и ставот на МНР дека засега нема да се испраќаат македонски војници во евентуални постконфликтни мировни мисии во Украина. Проценките се дека државава не е подготвена во овој момент да испраќа војници во Украина и оти во моментов како земја-членка на НАТО не смееме да дозволиме каков било безбедносен вакуум од регионална гледна точка. Според македонското МНР, нашиот фокус во наредниот период мора да биде на нашиот регион и на источното и јужното крило на НАТО.

Јасминка Павловска

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ