Според информациите од Министерството за животна средина Македонија има намера да увезува 18 видови неопасен отпад (метали, обоени и необоени, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и јадење маст и масло, хартија, картон и стакло). На потег е Европската комисија која треба да изврши проценка за тоа дали земјата ги исполнува еколошките стандарди за управување со овој отпад, односно дали може да врши увоз. ЕУ бара земји кои ќе докажат дека имаат капацитет за еколошки управувано рециклирање.
„Извозот на неопасен отпад познат како отпад од ‘зелена листа’, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите кои имаат капацитети што ги исполнуваат условите за заштита на животната средина, за преработка на овој отпад“, велат од Министерство за животна средина и просторно планирање.
Еколошките организации во Македонија веќе предупредија на опасноста од увоз на ваков отпад. Тие бараат строги контроли на граничните премини и укажуваат на ризиците од токсични супстанции кои можат да влијаат врз здравјето на граѓаните. , Тие потсетуваат дека при согорување на одредени материјали се ослободуваат канцерогени супстанции.
До 21 февруари апликации покрај Македонија, Србија и БиХ, поднеле и Бангладеш, Египет, Ел Салвадор, Индија, Индонезија, Казахстан, Малезија, Молдавија, Монако, Мароко, Нигерија, Саудиска Арабија, Пакистан, Филипини, Сингапур, Тајван, Тајланд, Того, Тунис, Украина и Виетнам.
Европа создава многу повеќе отпад отколку што рециклира. Според Европската комисија, пет тони отпад годишно создава во просек секој жител на Европа. Само 38 проценти од отпадот се рециклира, а над 60% од отпадот од домаќинствата се уште завршува на депонии во некои од земјите на ЕУ.