петок, 13 декември 2024

Македонија повторно гласаше против антифашистичката резолуција на Русија во ОН

На гласањето за нацрт-резолуцијата наречена „Борба против величењето на нацизмот, неонацизмот и други практики што ги поттикнуваат современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“, која Русија неколку години по ред ја поднесува пред Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија гласаше „против“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сепак, Третиот комитет на Генералното собрание на ОН ја усвои резолуцијата на 11 ноември со 116 гласа „за“, 54 гласа „против“ и 11 воздржани. „Друштвото“ од 54 земји што гласале „против“ го предводат Украина, САД, Обединетото Кралство, Германија, Јапонија, Унгарија, Канада, а меѓу нив е и Македонија.

Првиот пат кога Русија ја имаше поднесено резолуцијата против глорификација на нацизмот и неонацизмот, Македонија во ГС на ОН гласаше воздржано, што беше оценето како некаков компромис меѓу сопственото антифашистичко минато на чии темели е поставена државноста на современата македонска држава и актуелните геополитички тенденции и предизвици за усогласување на надворешната и безбедносната политика како членка на НАТО и земја-кандидат за членство во ЕУ.

Тоа беше во времето пред почетокот на руската агресија во Украина. Веќе за втората предлог-резолуција на Русија со истата идеја за борба против величење на (нео)нацизмот, во декември 2022, во првата година од руско-украинската војна, Македонија во ОН гласаше „против“, како и вчера, кога се најде на списокот меѓу тие што гласаа „против“.

Една од недоумиците во македонската јавност што произлегоа по информацијата за гласањето за последната предлог-резолуција на Русија во ОН е и тоа кој всушност гласал од името на Македонија, кога е познато дека македонскиот амбасадор во оваа светска организација, Љубомир Фрчкоски, се повлече од позицијата, а неговата оставка е во процедура во македонското МНР. Нов амбасадор на Македонија во ОН не е именуван.

Сепак, таа дилема е повеќе од бирократско-технички карактер, зашто веројатно и други претставници во македонската мисија во ОН имаат надлежност да учествуваат во работата и гласањата во организацијата. Она што сиве овие години се наметнува како суштинско прашање е дали со отфрлање на резолуциите за борба против величење на нацизмот и неонацизмот, Македонија практично се откажува или прифаќа да го премолчи своето антифашистичко минато, а со тоа и ги релативизира антифашистичките темели на својата современа државност.

„Сè повеќе добиваме аргументи дека живееме во воено време, дека светот е во трета светска војна. А во воени времиња, цензурата е ‘вообичаена и прифатлива’ работа. Па кога главниот светски полицаец ќе им каже на своите ‘сојузници’ да гласаат ‘за’ или ‘против’, во Обединетите Нации, тие гласаат според насоките. Како да се помируваме дека живееме во време на тотална ценузра. И не е толку чудно што Македонија гласала во ОН против резолуција за величење на фашизмот, затоа што резолуцијата е предложена од Русија. Жално е што и големи земји, со значајно антифашистичко минато, како Обединетото Кралство, или Франција, како и земји-членки на ЕУ, гласаат против борбата за спречување на воздигнување на нацизмот и неонацизмот. Во време на војна и тотална светска цензура, се чини дека  сопственото мислење и сопственото минато, се принесуваат на олтарот на ‘заедничката цел’ “, вели историчарот Александар Литовски, чија специјалност се токму антифашистичките и антинацистичките движења.

                                                                                                                        Ј.П.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ