петок, 21 март 2025

Македонија нема да испраќа војници во евентуални мисии во Украина

Иницијативите на францускиот претседател Емануел Макрон за еманципација и самоорганизирање на европската безбедност и одбрана, треба да се конкретизира на состанокот во Париз, со началници на генералштабовите на европските земји кои се подготвени да го гарантираат идниот мир во Украина. Тоа е своевиден прв чекор за идејата за зајакнување на одбраната на ниво на Европа.

Објавено на

часот

Сподели

Досега, Генералштабот на АРМ нема добиено покана да присуствува на најавениот состанок на Макрон за следната недела во Париз. Ниту до македонското министерство за одбрана нема пристигнато покана, но ако добијат велат ќе присуствуваат на состанокот затоа што се работи за безбедноста на сите граѓани во Европа.

Во однос на најавите на Макрон за испраќање мировни сили кои ќе бидат распоредени во Украина откако ќе престанат борбите, односно да се сретне со воени претставници на европските земји кои се подготвени да учествуваат во овој проект на францускиот претседател, од Министерството за одбрана велат дека Македонија нема да испраќа македонски војници на украинско тло.

„Од сегашна гледна точка сметаме дека македонски војници на украинска територија не треба да има. Она што е најважно и е од особена важност за украинските граѓани, најнапред да се воспостави мирна состојба односно да се дојде до взаемно решение кое би гарантирало долгорочен мир, а во меѓувреме да се разговара за модалитетите за натамошна помош“, велат од Министерството за одбрана.

И според извори од Министерството за надворешни работи и трговија, Македонија не е подготвена да испрати војници во Украина, затоа што следува процес на уште подетално усогласување на политиките и во самите сојузи, во ЕУ и во НАТО.

„Како членка на НАТО, не смееме да оставиме  регионален безбедносен вакуум  во источното и јужното крило на НАТО. Во наредниот период следува меѓусебно институционално усогласување , со фокус на регионалната безбедност“, истакнуваат од МНР.

На состанокот во Париз, предвидено е да бидат донесени повеќе одлуки, меѓу кои и заедничко финансирање на набавка на авиони, тенкови на европско тло за зајакнување на одбраната, откако Макрон во телевизиско интервју кажа дека „иднината на Европа не мора да се решава во Вашингтон и Москва и дека сака да верува дека САД ќе останат на страната на Европа, но мора да бидат подготвени ако тоа не биде случај“.

Од друга страна, министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров, на намерите на Макрон, возврати дека  ако европските лидери испратат војници во Украина, тоа ќе значи војна!

„Какво било присуство на европски мировни сили во Украина,ќе се смета за официјално вклучување на НАТО во војната“, изјави Лавров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ