На прес-конференцијата по потпишувањето на Меморандумот вицепремиерот Маричиќ истакна и дека двете Влади имаат иста задача и мисија.
„Да ги приближиме нашите граѓани повеќе до вредностите на ЕУ во наредните години, но и придобивките што ќе ги имаат од тој процесот на пристапување да ги направиме уште повидливи. Со Србија не сме само соседи и географски блиски земји. Со Србија имаме заедничко минато, блиски традиционални врски меѓу двата народа и што е најважно имаме заедничка иднина и ист интерес: Да ги развиваме двете држави по европски терк и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани“, рече Маричиќ.
Напредокот на двете земји според Маричиќ, е очигледен.
„Покажавме дека сме кредибилен партнер на ЕУ и сме подготвени да одговориме на задачите, ред е Унијата да даде временска рамка и да го заврши обединувањето на стариот континент. Мислам дека ова е идеален момент за забрзување на пристапниот процес, имајќи предвид дека годинава се одбележуваат 20 години од Самитот во Солун, кога на земјите од Западен Балкан им беше ветена европска перспектива, земајќи го предвид и новиот геополитички контекст“, истакна Маричиќ.
Со денешното потпишување на Меморандумот за соработка, вицепремиерот кажа дека, двете министерствата придонесуваат кон поуспешна подготовка и олеснување на процесот на пристапување во ЕУ.
– Искуствата и размената на знаење, информации, практики меѓу преговарачите, Групата на преговарачи, експертите вклучени во пристапните преговори, како и меѓу ресорните министерства и агенции во спроведувањето на политиките на ЕУ во сите Кластери, ќе ни биде важен придонес во ефикасното водење на процесот, рече Маричиќ.
Осврнувајќи се на иницијативата „Отворен Балкан“, вицепремиерот рече дека практично ни покажа како е да се функционира во ЕУ, како е да зборуваме за инфраструктурни проекти, за трговска размена, мобилност на нашите граѓани, за јакнење на економијата и создавање стабилна и поволна средина за инвестиции.
Српската министерка Мишчевиќ истакна дека одлична е хемијата и духот помеѓу двете институции, нарекувајќи ги двете држави братски, кои се занимаваат со стратешки работи.
„Соработуваме многу долго и успешно. Понекогаш ние учиме од Македонија, понекогаш тие учат од нас. најважниот процес, евроинтеграцијата, денеска ја ставивме во рамка иако веќе оддамна соработуваме“, рече Мишчевиќ.
Спред неа, добрите односи меѓу двете држави не се новина, бидејќи долго време се одлични и редовно се надградуваат.
Преку Отворен Балкан, како што рече Мишчевиќ, покрај економската и трговска соработка, на економски план се доближуваме и до стандардите на ЕУ во таа сфера.
„Патот кон ЕУ не е само ‘евроинтеграција“ туку е комплетно патешествие низ голем број на полиња важни за подигнување на стандардите и развојот на државите“, рече Мишчевиќ и таа се согласи со македонскиот вицепремиер дека сега е добар момент од евроинтеграцијата и дека треба да се искористи.
По завршувањето на прес-конференцијата двете делегации ќе одржат работилница во Владата посветена на евроинтеграциите.