недела, 6 октомври 2024

Македонија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто и ставка на инфлација од 9,3 проценти, прогнозира Светска банка

Објавено на

часот

Сподели

Светска банка (СБ) во делот од извештајот за Макеоднија наведува дека и покрај брзото закрепнување по ковид-пандемијата, енергетската криза го намали растот и ја подигна инфлацијата на највисоко ниво во последните две децении,  оптоварувајќи ги јавните финансии во услови на пораст на трошоците за задолжување. Инфлацијата се забрза и го достигна врвот од близу 20 проценти кон крајот на 2022 година, поттикната од двоцифрениот раст на цените на храната и енергијата.

Високата инфлација создаде дополнителни предизвици. Сиромаштијата се намали умерено во 2022 година. Повисоките цени на храната и енергијата негативно влијаеја на благосостојбата на домаќинствата, особено кај помалку богатите кои трошат поголем дел од приходите на овие ставки и имаат помалку механизми за справување со повисоките цени. Мерките за поддршка на Владата, вклучително и субвенциите за електрична енергија и зголемувањето на минималните плати за 18 отсто, според СБ, до одреден степен го ублажија шокот.

Растот на корпоративните кредити, наведува банката, остана стабилен до декември 2022 година, иако влошувањето на финансиските услови во време на пораст на влезните трошоци и трошоците за позајмување може да влијае на перформансите на фирмите и да го наруши кревкото закрепнување. Преклопувачките кризи, исто така, имаа негативен фискален ефект и значително го намалија фискалниот простор за поддршка на растот на среден рок.  Јавниот долг се намали на 59,6 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) во 2022 година, но заостанатите долгови се зголемија на 3,2 отсто, додека примарниот дефицит остана висок, а субвенциите на државната компанија за електрична енергија за покривање на загубите достигнаа 2,4 отсто од БДП.

СБ посочува и дека банкарскиот сектор кредитирањето останале стабилни во 2022 година. Централната банка ја зголеми основната каматна стапка на 5,25 отсто за да ги спречи инфлаторните очекувања, курсот на денарот остана стабилен, а девизните резерви се опоравија од загубите направени на почетокот на војната во Украина.

Враќањето на долгорочните изгледи за раст на земјата ќе зависи од очекуваните реформи и политичките активности кои треба да се фокусираат на обновата на одржливоста и отпорноста на шокови за да се спречат идни назадувања на растот. 

Структурните реформи за поттикнување на среднорочниот раст треба да бидат приоритет во пресрет на изборите во 2024 година.

Среднорочните изгледи за раст се позитивни, а надолните ризици стивнаа со олеснување на условите за финансирање и затоа што земјата обезбеди финансирање за 2023 година. Се очекува растот во 2023 година да се зголеми на 2,4 отсто, што е за 0,3 под под прогнозата од есенскиот извештај, пред се поради нарушувањата предизвикани од војната во Украина и долготрајната енергија криза.

Се предвидува растот да остане под потенцијалот, но умерено да се забрза како што започнуваат големите јавни инвестиции и очекуваните странски директни инвестиции

Стапката на инфлација се очекува годинава да забави под претпоставка дека енергетската криза ќе стивне.

Додека основните ризици остануваат и се тесно поврзани со економските изгледи на главните трговски партнери на земјата, напредувањето во преговорите за пристап во ЕУ може да го обезбеди многу потребниот поттик за реформи и економски раст.

Во исто време, зголемената политичка неизвесност и парламентарниот ќорсокак пред изборите би можеле да го одложат спроведувањето на клучните реформи. Конечно, повисоката од очекуваната инфлација може да предизвика позначајно затегнување на монетарната политика што дополнително може да ги ограничи опциите за финансирање и да ја потисне економската активност, стои во делот од извештајот на Светска банка за Македонија.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ