вторник, 8 октомври 2024
Средба Трендафилов-Велковски

Македонија е едниствена во светот каде што има обиди да се разграба работничкиот имот

Работничкиот дом останува на работниците, а битката за тоа ќе ја водиме како пред домашните, така и пред меѓународните судови, но ќе бараме и одговорност од сите инволвирани во овој процес, изјави претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов по средбата со министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски во просториите на ССМ. Министерот Велковски пак, кажа дека синдикатите ги разбира како коректори, односно партнери на власта и на сите влади.

Објавено на

часот

Сподели

Трендафилов во одговор на новинарско прашање како срамна ја оцени пресудата што ја донесоа тројцата судии во Врховниот суд со кои им е одземена сопственоста на зградата на ССМ во центарот на Скопје.

„Овие тројца судии не заслужуваат да се нарекуваат судии. Очекувавме нивна оставка која не ја поднесоа и затоа поднесовме барање за утврдување на одговорност до  Судскиот совет кој е единствено надлежен за тоа. Очекуваме нивно разрешување затоа што нивната одлука не се темели на ниту еден закон, ниту, пак, на Уставот, туку само на слободно судско убедување“, рече Трендафилов.

Нагласи дека ССМ уште во 90-десеттите години од минатиот век,а и пред тоа е регистриран во Министерството за труд и социјална политика со решение врз основа на Законот за работни односи. Токму затоа, како што кажа, судиите при носењето на пресудата не смееле да применуваат закон од 1998 година кој се однесува за здруженија и фондации.

„Ако сме биле здружение или фондација немало да го склучиме Општиот колективен договор или договор за унапредување на работничките права лани во јули како партнери на Владата, ниту, пак, доколку сме биле владина институција“, рече Трендафилов.

Очекува во текот на наредната недела да следи повторување на постапката и Врховниот суд веднаш без одлагање да постапи заради изборите кои се ближат. Не ја исклучува и можноста да достават претставка и до Меѓународниот суд во Стразбур за што имаат рок од четири месеци и каде како што вели со сигурност ќе го добијат процесот. Тоа го заклучиле во консултација со нивните братски синдикати од Европската и Светската конфедерација на синдикати и со претставниците на Меѓународната организација на трудот кои посочиле дека не постои ниту еден ваков случај во некоја социјалистичка или посткомунистичка земја да се одзема сопственост на дом граден од синдикална членарина од работниците за синдикатите.

„Ова е прв случај во светот и веројатно Македонија како и по многу други работи ќе биде позната по нешто за првпат, а тоа е да се разграба работничкиот имот веројатно за бизнис или се сомневаме и за други интереси.  Како Синдикат не сакаме да се мешаме во политичките процеси, но со прст ќе покажеме кон виновниците покрај овие тројца судии за кои со сигурност знаеме дека се виновници, без разлика дали се политичари, политички партии или други чинители во општеството, кои сакаат да го обезглават синдикалното движење во Македонија и да го уништат ССМ. Некој смета дека на ваков начин ќе нѐ дисциплинира, но само ќе нѐ направи погласни“, потенцира Трендафилов.

Министерот за труд и социјална политика во техничката Влада, Ѓоко Велковски кажа дека синдикатите ги разбира како коректори, односно партнери на власта и на сите влади.

Велковски посочи дека на средбата биле отворени повеќе од темите што го засега Синдикатот, и што ги засега самите работници.

Тоа што го говорат Синдикатите, вели Велковски, е глас на работникот и истото онаму каде што има законски можност треба да биде имплементирано и да биде во полза на граѓаните, односно работниците.

„Влегуваме во изборен процес, дел од нашите процеси ќе бидат врзани или замрзнати. Меѓутоа ги отворивме прашањата кои што ги засегаат самите работници и работничките права, кои што години наназад се случувале. Го напоменавме и Законот за работни односи кој што пет години седи во фиоките на Министерството и не е влезен во владина или собраниска процедура, за жал, а тоа е на штета на работниците“, рече Велковски.

Посочи дека биле напоменати и другите правни елементи кои што се пречка во унапредувањето на работничките права и како синдикатите би можеле да бидат коректори на однесувањето на власта.

„Пред сѐ, како човек, но и како министер ќе се залагам, барем во овој технички период, после со господ напред ќе видиме како ќе биде целава ситуација, меѓутоа заеднички стоиме рамо до рамо да се бориме и да биде коректори на сите процеси во нашата држава, само во полза на работниците во Македонија“, рече Велковски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ