На брифинг за медиуми од УЈП информираа за спроведени контроли кај три даночни обврзници регистрирани за вршење дејности трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало кои пристапиле кон изигрување на законите преку промена на назив и седиште на правното лице, како и промена на сопственичката и управувачката структура, без да имаат пријавени вработени, соодветни лиценци од Регулаторната комисија за енергетика, бензинска пумпа и складишен простор, служејќи се со фиктивни фактури за милионски суми. Станува збор за три даночни обврзници и петмина добавувачи.
„Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117.130 денари и за Данок на личен доход од 18 .969.998 денари, информираше директорката на УЈП Сања Лукаревска.
За овие случаи УЈП доставиле писмени пријави со докази до ОЈО и МВР на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.
Кај првиот контролиран случај станува збор за утврдени неправилности по основ на ДДВ од 79.350.190 денари, во вториот од 26.090.205 денари, а во третиот случај за 54.676 милиони денари.
Како што соопшти Лукаревска, УЈП спровела постапка за присилна наплата на Данок на солидарност кај осум даночни обврзници, кај седум е завршена и останува уште еден од трговија со дрва, градежен материјал и санитарна опрема, а кој треба да уплати уште шест милиони денари.