понеделник, 17 март 2025

Љутков: Работиме темелно на имплементација на Законот за македонски јазик

Одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик не може да се спроведуваат ад хок, без концепт. Тоа важи и за распишувањето на конкурсот за директор на Инспекторатот за примена на македонскиот стандарден јазик. Во комисиска расправа е измена на Законот за македонски јазик, се прави усогласување и додека се работи тоа не може да се постапува по конкурсот. Можеби сме побавни, но работиме темелно, прецизно, точно и нема да дозволиме да ни се случуваат скандали какви што имаше во минатото. Тоа го истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков како одговор на прашањето на пратеничката на СДСМ, Соња Лукаревска, која побара од министерот да одговори зошто девет месеци власта не постапува согласно одредбите од Законот за употреба на македонскиот јазик усвоен во Собранието во јануари минатата година.

Објавено на

часот

Сподели

„Инспекторатот за македонски јазик не е формиран затоа што направена е трансформација во Министерството за култура и туризам, поднесовме измени на законот вклучително и за Законот за македонски јазик. Во меѓувреме положија заклетва многу лектори. За да бидеме транспарентни, почекавме да им бидат врачени лиценците, и потоа да го распишеме конкурсот за директор на Инспекторатот по македонски јазик. Тоа е сторено во понеделникот, кога беше распишан конкурсот“, рече Љутков.

Одговорајќи на прашањето на Лукаревска тој истакна дека за разлика од претходната власт предводена од СДСМ и ДУИ која, како што посочи, за седум години назначила шест министри за култура, актуелната власт е определена да работи со план.

„Конечно ние првпат од 2014 година имаме конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата, резултати во кои нема скандал. Минимален број приговори по конкурсот, тоа е репер дека добро ја работиме работата. Сега кога кончено воспоставиме систем на ред, некаква минимална нормалност во работењето на Министерството, вие наоѓате забелешки дека девет месеци не сме работеле ништо“, рече Љутков.

Љутков исто така истакна дека археолошките локалитети кои се предмет на експропријација најчесто се наоѓаат надвор од урбанистичкиот опфат на населени места за изработка на ДУП-ови во населено место, и потребно е да се направи значителна измена во Законот за експропријација на земјиштето.

„Во Законот за експропријација на земјиштето, ние имаме генерален проблем во Македонија на сите археолошки локалитети. Буквално можам да кажам дека 70 проценти од археолошките локалитети се наоѓаат на приватни земјишта. Бидејќи тоа е така и имаме сериозен проблем со тоа и бидејќи најголемиот дел од културното наследство, особено археолошките локалитети се наоѓаат надвор од опфатот на актите за планирање на просторот односно од ДУП-овите и ГУП-овите , во членот 26 став 1 од Законот за експропријација стои предлог за експропријација и покрај другата документација треба да се достави и извод од актот за планирање на просторот односно одобрен проект за инфраструктура, односно согласно со новиот Закон за просторно и урбанистичко планирање. Имајќи го предвид тоа што недвижното културно наследство особено археолошките локалитети кои се предмет на експропријација најчесто се наоѓаат надвор од урбанистичкиот опфат на населени места за изработка на ДУП-ови во населено место потребно е да се направи значителна измена во законот. Ако не се направи измена на законот имаме многу големи финансиски импликации, бидејќи како што кажав 70 проценти археолошките наоѓалишта се наоѓаат на приватно земјиште. Ние како држава не сме во можност да ги покриеме сите тие трошоци и затоа ќе поднесам предлог до Владата следниот вторник“, рече Љутков одговарајќи на прашање на пратеникот на Вреди, Салим Сулејмани околу состојбата на базиликата во селото Радолишта за која посочи дека се наоѓа меѓу две приватни парцели и од тие причини стручните екипи имаат многу отежнат пристап до него.

Министерот објасни дека со законските измени, тие ќе имаат поголема слобода во делот на решавањето на проблемите на археолошките локалитети.

„Во актуелниот член став 1 од Законот за експропријација, а кој гласи сега ‘извод од актот за планирање на простор или одобрен проект за инфрастура и одобрен проект за дислокација на енергетски објект’ да биде заменет и дополнет со ‘по исклучок извод од актот за планирање и просторот или одобрен проект за инфраструктура или одобрен проект за дислокација на енергетски проект не е потребен за експропријација на земјиште кое се наоѓа културно наследство согласно Закон за заштита на културното наследство’. Со ваквата измена на Законот, ќе имаме поголема слобода во делот на решавањето на проблемите на археолошките локалитети. Кога ќе се реши овој проблем и ќе може многу полесно да се обезбедуваат средства за следната година и ќе имаме можност за поголема реализација. Најслаба реализација секогаш има во заштитата на културното наследство токму од овие причини, заради Законот за експропријација“, рече Љутков.

Тој потенцира дека во базиликата направен е увид и констатирано е дека ѕидовите на мозаиците на базиликата се во стабилна состојба.

„Забележавте дека мозаиците се покриени со песок заради заштита. Во 2014 година и 2015 година Завод и музеј Охрид добива средства за изведба на настрешницата и материјалите ги носат на терен. Но, тогаш мештаните ги палат материјалите. Од кои причини, не се знае. И од тогаш е прекината теренската работа. Но Завод и музеј Охрид и Музеј Струга немаат информации која е сумата за реализација на било какви активности и колку би чинел целиот тој процес“, рече Љутков.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ