четврток, 27 февруари 2025

Листовите чај ги отстрануваат тешките метали од водата

Утринската шолја чај можеби ќе има уште подобар вкус откако ќе го прочитате ова.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Чајот долго време е меѓу најпопуларните пијалаци во светот. Луѓето пијат чај наутро со појадокот, помеѓу оброците за попладневна доза кофеин и за да се релаксираат пред спиење. Сега ќе имаат уште една добра причина да пијат чај освен за неговиот природен придонес во зголемувањето на долговечноста.

Во една неодамнешна студија од Универзитетот Нортвестерн истражувачите откриле дека листовите од чајот ги апсорбираат токсичните тешки метали, како оловото и кадмиумот, „ефикасно филтрирајќи ги опасните загадувачи од пијалаците. Јоните од тешките метали се лепат или се впиваат на површината на листовите од чајот, каде што остануваат заробени“.

„Со чајот ги вадите металите од водата, но потоа не ги јадете листовите од чајот, поради што ова и функционира“, вели водечкиот автор Бенџамин Шиндел за Вашингтон пост. Сепак, видот на чајот и должината на држењето на ќесичката во врелата вода прават разлика.

Откако ја споредил содржината на металите во водата пред и по натопувањето на низа листови од чај (црн чај, зелен, улонг и бел чај), истражувачкиот тим открил дека колку подолго е натопена ќесичката во водата, толку повеќе се апсорбираат металите. „Со подолго натопување на ќесичката чај или дури и преку ноќ – како кај ладниот чај – ќе се впие поголем дел од металот или можеби дури и речиси целиот метал во водата“, објаснува Шиндел.

Ситно мелениот црн чај, исто така, бил малку поефикасен од целите листови, а целулозните ќесички функционирале најдобро поради големата површина, која им дава на металните јони голем простор за да се прилепат. Да туриме по еден чај?

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ