петок, 24 јануари 2025

Лимани: Една од најважните улоги на институциите е да обезбедат платформи за развој на младите

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани е во еднодневна посета на Косово каде учествува на панел дискусија насловена – „Улогата на институциите во развојот, зајакнувањето и вмрежувањето на младите“.

Објавено на

часот

Сподели

На конференцијата, која имала неколку панел дискусии, присуствувале претставници на владини институции, локални заедници, меѓународни и граѓански организации, студенти, истражувачи, млади претприемачи.

На панел дискусијата министерот Лимани осврнувајќи се на улогата на институциите во развојот и зајакнувањето на младите порачал дека една од најважните улоги на институциите е да обезбедат платформи за развој на младите.

„Ова подразбира образование, обуки и програми кои ќе им овозможат на младите да стекнат знаења и вештини кои се потребни во современото општество и пазар на трудот. Постојат многу иницијативи како што се училишта за млади лидери, обуки  за личен развој, психолошка поддршка и слично. Институциите треба активно да инвестираат во овие области за да се обезбеди квалитетно и инклузивно образование за сите млади“, кажал Лимани.

Како што информираат од Министерството, тој посочил дека, покрај развојот на вештини, важно е младите да се зајакнат и ментално, како и да се охрабрат да станат проактивни во својата заедница. Во таа насока, институциите имаат задача да создадат услови за развој на самодовербата на младите, да ги поддржат во носењето на одлуки и да им овозможат достап до ресурси и можности.

Министерот зборувал и за улогата на институциите и за вмрежувањето на младите. Притоа се осврнал на значењето на Регионалната канцеларија за младинска соработка – РИКО, која има клучна улога во поттикнувањето и поддршката на процесите на регионална соработка на младите.

Оваа меѓувладина институција од нејзиното воспоставување 2016 година, до денес, овозможи над 60.000 млади да учествуваат во регионални и локални програми и активности имплементирани или поддржани од неа.

„Преку регионалните програми на RYCO, но и преку локалните активности на канцеларијата во Скопје, се овозможува поддршка на формалниот образовен систем – преку Регионалната шема за размена на училишта од Западен Балкан – Суперучилишта, креирање на позитивни социјални промени преку културата и уметноста, социјалното претприемништво и негова финансиска и менторска поддршка“, рекол Лимани.

Во контекст на Македонија – 45 училишта со повеќе од 600 ученици учествувале во регионални училишни размени, повеќе од 70 наставници биле дел од регионални обуки за зајакнување на нивните капацитети, 10 индивидуалци и здруженија на граѓани биле поддржани за зајакнување на културната соработка во Западен Балкан, а преку отворените повици за финансиска поддршка на организации кои работат со млади се поддржани над 20 организации и над 400 млади од Македонија.

Денес младите учествуваат во креирањето и спроведувањето на политики преку Локалните младински совети на локално ниво и преку Националното советодавно тело на национално ниво, предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.

Министерот посочи дека продолжуваат и  имплементацијата на Младинска гаранција, Законот за практиканство и  финансиска поддршка на младински организации.

Тој на крајот посочил дека, покрај обезбедувањето на правна рамка програми за развој на младите, јавните институции треба да работат и на зголемување на свеста за важноста на младинскиот сектор во општеството.

Лимани порача дека можностите за успешно креирање на иднината зависи од тоа што ќе им биде оставено на младите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ