недела, 10 ноември 2024

Лидерот на Хамас за масакрот на 7 октомври: Нападот беше неопходен

Највисокиот лидер на Хамас надвор од Газа изјави за Би-би-си дека кризата што неговата организација ја предизвика на Блискиот Исток, која доведе до илјадници смртни случаи низ целиот регион во изминатата година, била оправдана.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На прашањето на меѓународниот уредник на Би-би-си, заменик-лидерот на Хамас Калил ал-Хаја негираше дека борците на Хамас целеле цивили за време на нападот на 7 октомври минатата година.

Околу 1.200 луѓе, главно израелски цивили, беа убиени, а повеќе од 250 однесени во Газа како заложници. Велика Британија и други влади го прогласија Хамас како терористичка организација.

Ал-Хаја рече дека нападите на 7 октомври минатата година биле неопходни за да се врати прашањето за палестинската државност на глобалната агенда. Без тоа, рече тој, циклусот на насилство на Блискиот Исток немаше да заврши.

„Ние сме луѓе со барања. Моравме да направиме нешто за да му кажеме на светот дека постојат луѓе кои се под окупација со децении“, рече Ал-Хаја.

На прашањето од новинарот зошто цивили, вклучително и деца, беа убиени во нападот, Ал-Хаја одговори: „Им наредивме на нашите борци на отпорот да не таргетираат цивили, жени и деца. Целта беа окупационите војници кои секогаш убиваа, ја уништуваа Газа. Ние не поддржуваме да им се наштетува на цивилите. Имаше лични грешки и постапки на теренот. Борците можеби чувствувале дека нивните животи се во опасност“.

Тој рече и дека борците јаделе и пиеле во куќите на семејствата и дека жените и децата не се плашеле од нив. Новинарот го праша и зошто било потребно да се земат 250 луѓе во Газа, главно цивили, меѓу кои и жени и деца.

„Една од целите на 7 октомври беше да киднапираме мала група израелски војници за да ги размениме за палестински затвореници. Не беше наш план да заробуваме цивили, жени и деца“, рече тој.

„Прашањето е кога Нетанјаху ќе одлучи да ја прекине војната. Кога светот ќе го принуди да ја прекине војната? Одлуката е на Нетанјаху да ја прекине војната. Како можат луѓето кои се спротивставуваат на окупацијата да се предадат? Луѓето кои се спротивставуваат на окупацијата не се откажуваат“, рече тој.

„Доколку светот ни ги даде нашите легитимни права, овој циклус на насилство ќе престане. Но, Израел не го сака тоа“, додаде тој.

На прашањето дали жали поради офанзивата што доведе до смрт на повеќе од 40.000 жители на Газа во израелските напади, тој рече дека окупацијата на Израел на земја за која Палестинците веруваат дека е нивна е во коренот на насилството и убиствата на Блискиот Исток.

Ал-Хаја е највисокиот човек во Хамас по лидерот Јахја Синвар, за кој се верува дека е во Газа.

Интервјуто е одржано во Доха, каде се наоѓа најголемиот дел од политичкото раководство на Хамас. Иран го нападна Израел со балистички ракети околу еден час по снимањето на интервјуто.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ