„За потсетување на јавноста, со предлог-законите предложени наменски за конзорциумот Бехтел и Енка се руши и така кревкиот правен поредок во Република Македонија“, соопшти Левица и додава:.
„Освен што ќе платиме најскап километар по автопат во историјата, оваа странска компанија ќе може легално да го третира македонскиот работник како роб – со работна недела од фрапантни 60 часа. Низата штетни закони, кои СДС и ДУИ сакаат да ги шверцуваат со европско знаме, предвидуваат експропријација на земјиште само со одлука на Влада, ослободување од даноци за странската компанија, како и пренамена на шумско земјиште без дозволи и одобренија!
Ако беше потребно и се отвореше расправа, нашите пратеници беа подготвени да говорат без престан со денови, само да се спречи овој невиден криминал од енормни размери. Власта, соочена со отпорот на Левица, ретерираше и предлог-законите вчера беа пуштени со фамозното европско знаменце, спротивно на Деловникот и европската регулатива.
За овој скандалозен потег власта нема никаков правен основ и претставува кривично дело! Нешто што и самиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ јавно го призна. Почнувајќи од горенаведениот вицепремиер, за оваа постапка сите инволвирани ќе одговараат кривично и ќе завршат во затвор.
Борбата продолжува“, пишува во соопштението на Левица.