Од партијата посочуваат дека иако Левица инсистираше на „итно отстранување и санкционирање на ова флагрантно прекршување на низа законски и уставни одредби, како и начелото за поделба на власта – Антикорупциската комисија реагираше дури по неколку месеци, откако фактичката состојба веќе беше изменета, и изрече, за жал, смешна глоба“.
„Ова не е прв пат Џафери да биде санкциониран по иницијатива на Левица. Тој исто така беше казнет од Антикорупциската комисија и откако Левица поднесе претставка за неговото истовремено вршење на неспоиви функции, претседател на Собранието и член на претседателството на ДУИ. Потсетуваме дека за отстранување на оваа состојба, апелиравме и до собранискиот спикер, Африм Гаши, кој беше должен веднаш да констатира престанок на мандатот на Џафери. Но, Гаши одби да постапи по ова барање на пратеничката група на Левица, па затоа Левица му поднесе и кривична пријава за несовесно работење во службата, а дополнително, една од седумте точки на која Левица ја засноваше, за жал, неуспешната интерпелација за Гаши беше и токму ова непостапување“, велат од партијата.
Според нив, Левица останува „единствениот непокорен бастион против криминалните власти и политичката мафија“.
„Против Џафери имаме поднесено бројни претставки, кривични пријави, иницијативи пред Уставниот суд и интерпелација во текот на минатиот мандат. Борбата не завршува тука, ќе продолжиме да го разобличуваме секој обид за узурпација и ќе се бориме сè додека правдата не триумфира целосно“, децидни се од Левица.