понеделник, 14 октомври 2024

Лажетиќ: Одливот на готов академски кадар е наш неуспех да понудиме атрактивни студиски програми

Објавено на

часот

Сподели

Рангирањето мора да биде континуиран мотив за преоцена на критериумите за квалитет во високото образование, а не на него да се навраќаме само при годишното објавување на Шангајската листа. Отсуството на наши универзитети во првите 1000 треба да нѐ загрижи и да нѐ соочи со фактот дека високото образование не смее да се гледа одвоено од научно-истражувачката дејност и дека со преголем број универзитети во мала држава како нашата се дисперзира и се намалува крајниот резултат, вели во интервју за МИА проф. д-р Гордана Лажетиќ, во контекст на објавеното рангирање на најдобрите универзитети во светот за 2023-та, кое годишно го прави Универзитетот „Џао Тонг“ во Шангај.

Според проф. Лажетиќ, која од минатиот месец раководи со Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, итно е потребна коренита реформа за обновување на критериумите за квалитет, обезбедување буџетски средства за научно-истражувачката дејност без коишто нема унапредување на науката, а особено важно, нагласува таа, е да се пристапи кон рационализација на мрежата на високообразовни установи.  

Во интервјуто таа се осврнува и на одливот на студенти, но и на професори од нашите на универзитети во други земји, што е забележливо во последните години.

„Одливот на готов академски кадар е наш неуспех да понудиме атрактивни студиски програми. Голем удел во ваквата состојба има и универзитетската финансиска автономија која практично не постои“, смета Лажетиќ, која е професорка на Катедрата по казнено процесно право, Институт за казнено право и криминологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје. 

Нејзиниот неодамна почнат мандат како претседателка на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност е до јуни 2025 година. Во однос на активностите на Советот и неговата улога за подобрување на состојбата, проф. Лажетиќ во интервјуто информира дека претстои донесување важни стратешки документи за развој на високото образование и научно-истражувачката дејност, како и за начинот на нивно финансирање. 

Се работи за документи кои, како што посочува, ќе треба да ги постават рамките на еден нов систем на високо образование и научно-истражувачката дејност.

Неколку години нема македонски универзитет во првите илјада места на Шангајската ранг-листа, колку е загрижувачко тоа за нашето високо образование? 

„Шангајската листа се креира според неколку показатели за академски односно истражувачки перформанси. Вклучени се постигнувањата на алумни и на вработени добитници на Нобелови награди и медали/награди од областа (30 отсто), потоа релевантно е колку е цитиран определен автор/истражувач (20 отсто), трудови објавени во Nature and Science, трудови објавени во индексирани списанија, и академските перформанси на секој наставник. Отсуството на наши универзитети во првите 1000 треба да нѐ загрижи и да нѐ соочи со фактот дека високото образование не смее да се гледа одвоено од научно-истражувачката дејност и дека со преголем број универзитети во мала држава како нашата се дисперзира и се намалува крајниот скор. Сметам дека објавувањето трудови во индексирани списанија мора да биде поддржано од државата со определен фонд на годишно ниво за секој наставник.  Тешко дека можеме да добиеме поени во делот на Нобелова награда, но секако дека рангот може да се подобри со објавување трудови во индексирани списанија и поголем број цитирања. Токму цитирањата се причина за подобрен ранг на Универзитетот во Белград оваа година. Анализите покажуваат дека товарот на рангирањето го носат природно-математичките, техничко-технолошките и медицинските науки, каде што реално може да се оствари повисок степен на цитираност, но секој член на академската заедница треба да има ваков стремеж. Ако појдеме од рангирањето на европско ниво – EduRank – би споменала дека УКИМ е на 517 место во Европа. Рангирањето мора да биде континуиран мотив за преоцена на критериумите за квалитет во високото образование, а не на него да се навраќаме само при годишното објавување на Шангајската листа.“, вели Лажетиќ.

На што најмногу се должи таа стагнација и како може да се промени состојбата? 

„Од 2008 година сведоци сме на девалвирање на квалитетот и компетенциите во оваа сфера, нагласената нелојална конкуренција, експанзијата на приватните универзитети, пад на критериумите за оцена на знаењето кај студентите, како и неконтролираната акредитација на универзитети, факултети, стручни школи и студиски програми. Недозволиво е да немаме евиденција на акредитирани студиски програми. Отсуството на компетентна евалуација во високото образование  дополнително ја влошува целокупната состојба.  Кај нас со години не се почитува обврската за ангажирање странски професори при акредитација и, особено, при евалуација на високообразовните установи. Сето ова укажува на итна потреба од коренита реформа заради возобновување на критериумите за квалитет, обезбедување буџетски средства за научно-истражувачката дејност без коишто нема унапредување на науката, и според мене, особено важно е да се пристапи кон рационализација на мрежата на високообразовни установи.  Персоналниот академски квалитет може да се оствари само со избор на наставници во една област во којашто е одбранета докторската дисертација со почитување на интердисциплинарноста. Недозволиво е еден наставник да биде избран во четири-пет области“, вели Лажетиќ.

Дали ваквиот статус на нашите универзитети е причина за одливот на нашите студенти на универзитети во други земји кои, во последните години,  им се поатрактивни?

„Одливот на квалитетни ученици започнува уште во средно училиште и се рефлектира и врз студентската популација. Во рамките на академската заедница мора да се негува научната љубопитност и желбата за истражување. Способните и посветени студенти одлично просперираат во странство, и на европски и на американски универзитети, во голем број случаи со обезбедени стипендии. Одливот на готов академски кадар е наш неуспех да понудиме атрактивни студиски програми. Голем удел во ваквата состојба има и универзитетската финансиска автономија која практично не постои. Универзитетите не може да водат кадровска политика и да ги мотивираат најдобрите студенти да останат. Во овој контекст, извршната власт мора да ја почитува уставно загарантираната автономија на универзитетите.  Има и други фактори кои влијаат врз одливот на кадар. Непотизмот е присутен на универзитетите и тоа е еден од одвраќачките фактори. Можеби ќе звучам престрого, но академската заедница изобилува со медиокритети, коишто поради несигурноста во себе, во секој способен студент гледаат како на некој што може да им ја загрози кариерата“, вели Лажетиќ.

Каде ја гледате улогата на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност во подобрување на условите?

„Националниот совет се формираше со долги години задоцнување. Очигледно некому претходно не му одговараше да постои ова тело. Искрено, и во текот на две години колку што постои телото постојано наидува на пречки. Националниот совет вложи огромен труд и донесе бројни правилници, предложи уредби до Владата и ќе продолжи да биде активен.  Во моментов најактуелна е Предлог-уредбата за класификација на научно-истражувачките полиња од трето ниво (области), како дополнување на двете нивоа на Меѓународната Фраскатиева класификација којашто Владата треба да ја усвои во најкраток рок, откако ќе се сфати дека таа служи само за избор во звање, а не е ниту основ за систематизација на работни места, ниту за изработка на распоред на работни задачи. Пред нас е донесување важни стратешки документи за развојот на високото образование и научно-истражувачката дејност, како и за начинот на нивно финансирање. Овие документи ќе треба да ги постават рамките на еден нов систем на високо образование и научно-истражувачката дејност“, вели Лажетиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ